НАЈАВИТЕ И ПРЕДЛОЗИТЕ ЗА ПОВЕЌЕ ДОКУМЕНТИ БЕЗ ЕПИЛОГ: Резолуциите за црвените линии остануваат неисцртани?

Иако премиерот Христијан Мицкоски, по категоричното одбивање на предлогот на резолуцијата за црвените линии на опозицискиот СДСМ, најавуваше носење на „вистинска македонска резолуција“, од владејачката партија изјавуваат дека засега нема нешто ново околу тоа прашање. Политичките аналитичари сметаат дека идејата за постигнување некаква резолуција за црвените линии веќе не функционира и не очекуваат дека ќе се прават обиди да се донесе таа во следниот период, како што се најавуваше

53

Со или без конкретен документ за македонските црвени линии, Македонија ќе го пречека постновогодишниот период за кога се очекува одредено придвижување во нејзината блокирана евроинтеграција. Првите недели по локалните избори не носат никакви најави дека би можело да се актуализира носењето еден ваков документ, а што се најавуваше во периодот пред почетокот на кампањата за неодамнешните локални избори. Прво, лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче, кон крајот не септември, излезе со предлог на резолуцијата за дефинирање на заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на зачленување на нашата држава во Европската Унија. Овој предлог потоа беше отфрлен од премиерот и лидер Христијан Мицкоски, кој го оцени како „итроштина и тројански коњ“, но истовремено најави дека, како партија, ќе направат една „вистинска македонска резолуција“. Претходно, и движењето ЗНАМ поведе иницијатива и конкретно предложи текст на националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии. Но не се постигна согласност и околу тој предлог, околу меѓупартиската усогласеност за единствен документ. Од таборите на овие политички партии владее молк за оваа тема, која, можеби, ќе ја актуализираат придвижувањата во евроинтегративниот процес блокиран од соседната Бугарија.

– Потребна е малку поробусна акција од друг центар на моќ. Разговарав со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, откако заврши неговата посета во Софија. Тој кажа таму дека со право бараме гаранции, поради сето она што сме го направиле во минатото. Очекувам некаков вид придвижување со почетокот на следната година. Исто така, разговарав и со уште еден премиер на држава која е, би рекол, од редот на првите три во ЕУ и од нивна страна се очекува поробусна акција во насока на решавање на ова прашање. Очекувам да има поголема динамика по Нова година, нешто суштински да тргне во решавањето на тоа прашање – изјави Мицкоски на септемврискиот брифинг со новинарите.

МН: Дали уште функционира идејата за крајните граници?

Но, во меѓувреме, меѓу политичките аналитичари се јавуваат дилеми дали дадените најави за изработка на една заедничка резолуција се сè уште функционални, односно дали може да доведат до конкретен документ.

– Мислам дека идејата за постигнување некаква резолуција за црвените линии веќе не функционира и не очекувам дека ќе се прават обиди да се донесе таа во следниот период, за кога, по Нова Година, беа најавени одредени поместувања. Ова од причина што се поставува прашањето што реално би можела да помогне една таква резолуција во деблокирањето на преговорите – оценува за весникот ВЕЧЕР политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Во септември, кога лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, го поднесе предлогот на нивната резолуција за црвените линии, беше утврден прецизен календар за уставните измени: Владата најдоцна до 25 ноември 2025 да се изјасни за текстот на амандманите, Собранието да гласа првпат до 15 декември, а целата процедура да заврши до 10 февруари 2026 година. Со тоа, би се одржала меѓувладина конференција за отворање на првиот кластер од преговорите најдоцна до 15 февруари 2026 година. По ова, во првичната реакција, премиерот Мицкоски најави дека ќе ја користи неа како подлога, но дека ќе направат нова.

– По завршувањето на изборите, ќе направиме вистинска македонска резолуција, која ќе има цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, видовме во минатото дека не постои за  СДСМ. Жал ми е што и овој претседател на СДСМ, како и двајцата негови претходници, продолжува по таа патека – рече тогаш премиерот.

Подоцна, во текот на изборната кампања, премиерот Мицкоски беше уште пожесток во квалификациите. На партиските митинзи, тој го квалификуваше предлогот како подготвеност за ново предавство од страна на СДСМ и неговото раководство.

– Станува збор за обид за измама на народот. Народот не е наивен и добро ги памети сите нивни изјави, предавства и лаги. Нема да дозволиме нивните „црвени линии“ да се претворат во контури на ново предавство. Затоа овој пат казната ќе биде уште поголема – изјави Мицкоски при промоцијата на кандидатите за градоначалници во Штип.

И на другите митинзи се слушаше оцената дека се работи за пазарџиски трик, дека се пакува нов подарок за источниот сосед, дека се готви нова отстапка врз грбот на македонскиот народ.

– Тоа е, всушност, реалното лице на опозицијата, која во најновите пазарџиски трикови сака и да спакува нов подарок за нашиот источен сосед. Тоа е подарок што тие го нарекоа резолуција или црвени линии, по кој СДСМ сака, нормално, да изроди некоја нова отстапка на грбот на македонскиот народ, на грбот на македонските граѓани. Сосема сигурно оттука може да се заклучи ако францускиот т.н. предлог беше толку прекрасен и Венко ни велеше дека бил заштитен идентитетот, тогаш прашањето ни е зошто ни требаат овие црвени линии, кои се дел од т.н. резолуција на СДСМ. Одговорот лежи во тоа дека СДСМ повторно со трикови сака да направи некој нов бонбона-бизнис, познат за него како карактерна особина од минатото – истакна Мицкоски.

МН: Во владејачката партија не се работи на нов документ

По ваквите истапи, македонскиот премиер досега не спомена ништо околу плановите на владејачката партија во однос на донесувањето резолуција со која би се исцртале крајните граници до кои би можела да оди Македонија во процесот на деблокада и на преговорите за членството. Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ вчера ни изјавија дека донесувањето еден таков документ засега не е актуелно.

– Засега нема нешто ново околу тоа прашање што би можеле да го споделиме со јавноста. Доколку има такво нешто, јавноста ќе биде информирана за тоа. Инаку, нашите позиции се јасни и соопштени околу тоа кои се нашите црвени линии – ни изјави вчера Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на владејачката партија.

Премиерот Христијан Мицкоски, пред недела дена, одговарајќи на новинарски прашања во врска со конкретни чекори за решавање на проблемот со Бугарија, рече дека е подготвен да седне да разговара, но оти е познат ставот на Владата.

– Нашиот став е многу јасен, се знае кои се црвените линии, ние сме ги опишале тие црвени линии многупати досега. Подготвени сме да седнеме и да разговараме, но не би било коректно некој да очекува дека оваа Влада, додека сум јас премиер, наеднаш ќе каже дека ова што го зборувавме досега не важи, сега ќе седнеме и ќе направиме уставни измени. Барем додека сум јас претседател на Владата. Ако дојде некој друг, нека тераат друга политика. Владата нема да дозволи уставни измени без конкретни обврски од источниот сосед и јасни гаранции од ЕУ. Очекувам и доследно почитување на меѓународното право, како предуслов за напредок – рече тој.

И на собирот на ЕУ и на земјите од Западен Балкан што се одржа минатиот петок, во Тирана, Мицкоски потенцираше дека патот на Македонија треба да биде оценуван според реформите и чекорите што ги прави, а не според билатералните прашања.

Од СДСМ вчера обвинија дека власта не прави ништо како исчекор на европскиот пат на земјата. Партиската портпаролка, Богданка Кузеска, во одговорот на новинарско прашање за ставовите на власта дека ќе бара нов протокол, рече дека тоа е само изговор.

– Граѓаните чекаат Владата да направи исчекор кон европскиот пат на земјата и да испорача реформи. Граѓаните се веќе уморни од нови, празни зборови. Велеа дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, дека можат да обезбедат нова преговарачка рамка, дека се во периметарот. Ништо од тоа не се случи. Сметаме дека ова е само уште еден измислен изговор да не продолжат реформите и да не продолжи европскиот пат на земјата – рече Кузеска.

Од друга страна, македонските надежи сега се врзуваат за сè почестите пораки кои доаѓаат од ЕУ, а со кои се потенцира дека блокирањето на патот на земји кандидати преку билатерални прашања е неприфатливо. (Б. Ѓ.)

 

(рамка)

Н: Дали да нема нови услови или да не се спроведува вториот протокол?

Според аналитичарот Петар Арсовски, прашање е што би можела да помогне резолуција за црвените линии во ситуација кога се влезени билатералните прашања во содржината на вториот протокол потпишан врз основ на Договорот за добрососедството со Бугарија.

– Ние треба да поставиме еден услов, а не 12 за да се деблокираат преговорите. Ако се тоа тие билатерални прашања што се влезени во вториот протокол, тогаш тие да бидат последни. Не сум сигурен што е тоа што го бараме ние. Дали да нема нови услови или да не го спроведеме вториот протокол? Односно, не сме јасни во однос на тоа дали не сакаме да ни се поставуваат нови услови во текот на преговорите или не сакаме да преговараме во однос на она што е предвидено со вториот протокол. Какви би биле тие црвени линии кога сме прифатиле во преговарачката рамка  да преговараме. Ако сметаме дека не треба да преговараме врз основа на неа, тогаш треба да го отфрлиме тој протокол. Без тоа, не помага резолуција за црвените линии – потенцира аналитичарот Арсовски.

ИЗДВОЕНИ