Најавените промени во јавниот сектор врзани за намалувањето на бројот на членовите во управните и во надзорните одбори на државни јавни претпријатија или трговски друштва со доминантна државна сопственост може да имаат ефекти ако се врзат за резултатите на нивното работење. Односно, доколку ја подобрат финансиската состојба на овие претпријатија и трговски друштва кои, инаку, се меѓу најголемите загубари во земјава. Ако не се постави таков услов за подобрување на финансиската состојба, членувањето во ваквите бројни одбори и натаму ќе претставува паразитирање со кое тие ќе добиваат добри и гарантирани месечни паушали, иако загубите и натаму ќе се трупаат за да, на крајот, мора да ги покрива државата. Вакво е мислење на експертите за јавната администрација откако актуелниот министер, Горан Минчев, најави нови промени и реформи во јавниот сектор со кратење на буџетските корисници за 40 отсто. Освен намалување на бројот на членовите во управните и надзорните одбори, најави и кратењето на бројот на институциите.
– Сведоци сме дека имаме голем број институции кои имаат по еден или по двајца вработени или се формирани во минатото за да задоволат нечии политички или партиски потреби. Сето тоа внимателно ќе се разгледа за да се дојде до најдоброто решение, овие институции да влезат во рамките на другите, со цел јавната администрација да биде помала и поефикасна – објасни министерот Минчев.
Мерките за намалување на јавната администрација и на бројот на институциите досега многупати се најавуваа, но таквите реформи никогаш досега не се сериозно спроведени. Во јавниот сектор во државата минатата година имало 1.371 институции, во кои работен однос имаат засновано 128.879 лица. Преклани, во 2022 година, имало 129.374 лица во 1.354 државни институции, односно 495 вработени помалку но и 17 институции повеќе. Истовремено, со години, бројот на членовите во управните и во надзорните одбори на локално и на државно ниво се движи од 1.000 до 1.300 членови, и кои за тоа добиваат месечни парични надоместоци.
Универзитетски професор во пензија, Борче Давитковски, за весникот ВЕЧЕР вели дека таквите одбори се „темно петно“ во она што се нарекува јавниот сектор во државата.
– Отворете ја веб-страницата на Министерството за финансии и видете ги податоците за загубите на државните претпријатија. Речиси сите, со исклучок само на Државна лотарија, се во големи загуби. А секое од нив има управни и надзорни одбори чии членови редовно добиваат месечни надоместоци. Тие не се вознемирени околу загубите зашто паушалите редовно им се исплаќаат, а за покривањето на загубите се чека Владата да посегне по пари од државниот Буџет. Излегува дека не прават ништо за подобрување на внатрешното работење. Тие сами си цицаат пари од државната каса. Јасно е дека станува збор за вдомување на партиски војници кои се наградуваат со членството во ваквите одбори – нагласи Давитковски.
Податоците за работењето на државните претпријатија од првите три месеци годинава само потврдуваат дека долговите и натаму се трупаат. Во март тие должеле 358 милиони евра, а во декември лани 343,3 милиони евра, односно, за 15,2 милиони евра повеќе. Општинските јавни претпријатија во земјава, пак, во март должеле 111,4 милиони евра. Најголем должник со долг од 88,4 милион евра е „Номагас“ АД Скопје, на второ место со долг од 74,5 милион евра е АД МЖ „Транспорт“, на трето место со 59,1 милион евра е државната ЕСМ – електрани, следува ЈП МЖ – инфраструктура со долг од скоро 59 милион евра…
Во земјава со години беа на сила законски одредби од Законот за јавни претпријатија и од Законот за трговските друштва со кои нивните управни одбори можеле да бројат од 5 до 15 членови, додека Надзорните одбори броеле до пет членови. Како главен услов се поставуваше предложените членови кои ги именува Владата да бидат од редот на афирмирани и познати стручњаци во областа на предметот на работењето на јавното претпријатие имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници. Но, во практиката, сепак, со години се случуваа најразлични апсурди со кои, на пример, во управните одбори, и тоа на најголемите државни претпријатија, биле именувани, меѓу другите, и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан, професор по англиски јазик, политиколог, стоматолог, секретари на училиште, педагози, психолози, осигурителни брокери… Истовремено, висината на нивните надоместоци се движела од 800 денари по одржана седница во некои локални општински јавни претпријатија, па сè до 27.000 денари во некои државни претпријатија… Со тоа, годишните трошоци на државата само за исплата на овие членови достигнуваа и до три милиони евра.
Минатата година беа усвоени измените во Законот за јавни претпријатија со кои бројот на членови на управните одбори се намали од сегашните 15 на 7 членови, односно на 5 членови во општини во кои живеат до 50.000 жители, како и за управните одбори на меѓуопштинско јавно претпријатие. Бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намали од дотогашните 5 на 3 членови. Се регулира и постапката за избор преку објавување на јавен повик за кандидирање на потенцијални членови, а паричниот надомест не може да биде поголем од половина од просечната плата на вработените во одреденото јавно претпријатие, а надоместокот за членовите на надзорниот одбор нема да може да биде поголем од една третина од просечната плата на вработените во тоа претпријатие. Но, ефекти во државните и општинските јавни претпријатија се уште нема.
– Тие членови мора да се примаат преку конкурси и со нив и со директорот да се прават менаџерски договори со кои за шест месеци треба да донесат позитивни промени во работењето. Во спротивност, и понатаму сè ќе биде исто – ќе си примаат пари без да имаат резултати во работењето – нагласи Давитковски.
Тој, исто така, смета дека е добро што се најавува функционална анализа на бројот на државните институции.
– Таа несомнено ќе покаже дека имаме дуплирање, па и триплирање на некои институции и ситуација во која не се знае кој за што е надлежен. Тоа треба јасно да се разграничи. Добро е што сега има политичка волја да се спроведат реформите – нагласува овој експерт. (Б. Ѓ.)
Општински и државни претпријатија со 1 – 2 вработени
Податоците на Министерството за информатичко општество и администрација за 2023 година покажуваат дека има цел куп државни и општински институции со минимален број вработени. Така, на пример, општинското јавно претпријатие за улично осветлување во Бутел има 1 вработен, исто како и ЈКП „Комуналец“ во општина Градско… Државната Агенција за регулирање на железничкиот сектор има 2 вработени, исто како и Регулаторна комисија за домување. ЈП за стопанисување со објекти за спорт во државна сопственост има 4 вработени, како и Агенција за квалитет на високото образование…