„Фокс њуз“ објави дека Унгарија, Швајцарија, Италија и Обединетите Арапски Емирати се споменуваат како потенцијални локации за самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кој би можел да се одржи „кон крајот на следната недела“.
Дописничката на Белата куќа на „Фокс њуз“, Џеки Хајнрих, објави на „Икс“ дека Русија ја претпочита Унгарија, но дека сè уште ништо не е одлучено. Таа, исто така, додаде дека разговорите би можеле да заглават поради административна пречка – украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно рекол дека секое територијално отстапување би барало национален референдум во Украина.
- Договорот за билатерален состанок на највисоко ниво е постигнат во суштина по предлог на американската страна, рече советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, истакнувајќи дека започнале конкретни подготовки меѓу руската и американската страна.