Чешкиот претседател Петр Павел изјави дека би било наивно да се очекува брз мировен договор меѓу Украина, Европа, Соединетите Американски Држави и Русија, нагласувајќи дека патот до договор ќе биде сложен и неизвесен.
Во интервју за чешкиот портал Odkryto.cz, Павел оцени дека приближувањето на позициите на Киев, европските престолнини и Вашингтон е значајно поместување во споредба со претходниот период, обележан со бројни контрадикторни изјави и различни пристапи кон решавање на кризата. Сепак, како што истакна, клучното прашање не е усогласување на позициите на Украина и нејзините сојузници, туку постигнување договор за условите на мировниот договор со Москва како завојувана страна.
Според него, Русија досега покажала мала подготвеност за преговори и компромиси, инсистирајќи на, како што изјави, „максималистички барања“. Затоа повика на зголемен политички, финансиски и економски притисок врз Москва, заедно со континуирана воена поддршка за Киев.












