Филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска периодов се закити со три награди на меѓународни фестивали: ја освои наградата за најдобар уметнички придонес на 38. Меѓународен филмски фестивал во Токио, Јапонија, доби специјално признание во интернационална конкуренција на 41. Меѓународен филмски фестивал во Хаифа, Израел, како и награда за најдобра режија на 8. издание на „Евро-Балкан филмски фестивал“ во Рим, Италија

Најновиот филм на Теона Стругар Митевска за Мајка Тераза, „Мајка“, ја освои наградата за најдобар уметнички придонес на 38. Меѓународен филмски фестивал во Токио, Јапонија, што се одржа од 27 октомври до 5 ноември. Наградата во Токио лично ја прими македонската режисерка Стругар-Митевска.

Како што соопштија од Агенцијата за филм, остварувањето на Митевска периодов се закити со уште со две значајни награди на престижни фестивали.

На 41. Меѓународен филмски фестивал во Хаифа, Израел, што се одржа од 24 септември до 3 октомври филмот, „Мајка“ доби специјално признание во интернационална конкуренција.

Притоа, жирито на фестивалот во Хаифа во своето образложение истакна:

„Во текот на една недела, во ограничен и аскетски простор, ‘Мајка’ нуди редок поглед во наелектризираниот и сложен внатрешен свет. Режисерката со храбра и со прецизна рака ја прикажува митската фигура на Мајка Тереза како човечна, ранлива и жедна за простување, создавајќи исклучително визуелно и духовно искуство“.

Филмот неодамна ја доби и наградата за најдобра режија на 8. издание на „Евро-Балкан филм фестивал“ во Рим, Италија (Euro Balkan Film Festival), што се одржа од 30 октомври до 6 ноември.

Како што е познато, „Мајка“ својата светска премиера ја имаше на годинашниот 82. Венециски филмски фестивал, каде што ја отвори програмата „Хоризонти“, а македонската – во Битола, кога го отвори 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

– По својата успешна светска премиера, „Мајка“ продолжува да ја освојува меѓународната филмска сцена. Овие нови признанија претставуваат уште едно големо достигнување за македонската кинематографија и потврда на уникатниот авторски глас на Теона Стругар Митевска, истакнуваат од Агенцијата за филм.

Да потсетиме, остварувањето на Митевска беше избрано и во потесна селекција на филмовите што се натпреваруваат за 38. Европски филмски награди. Престижните награди, кои го слават најдоброто од европската кинематографија, ќе се одржат на 17 јануари 2026 година, во Берлин, Германија.

„Мајка“, каде што улогата на Мајка Тереза ја толкува познатата шведска актерка Номи Рапас, Силвија Фокс настапува како сестра Агнешка, а нашиот реномиран актер Никола Ристановски е отец Фредерик, го следи животот на младата Тереза во деновите кога таа решава да излезе од манастирот Лорето Ентали, да тргне по улиците на Калкута, Индија и да ја започне својата хумана мисија по која подоцна ќе стане позната низ целиот свет.

Филмот е македонско-белгиска копродукција, и е поддржан од македонската Агенција за филм. Сценариото на филмот го потпишуваат Гоце Смилевски, режисерката Митевска и Елма Татарагиќ, продуцентка е Лабина Митевска, а кинематографка Белгијката Виржин Сен Мартан. Сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ