Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска оствари средба со основците од основните училишта во Карпош што освоија први места на државните натпреварувања што се одржаа во учебната 2024/2025и и со нивните ментори.
За нивниот постигнат успех на државно ниво, согласно со програмата на Одделението за образованите, Лукровски врачи еднократни парични награди во висина од 7.500 денари на 11-мина ученици и на 12-мина ментори.
Тој им се заблагодари на учениците и на менторите за присуството и им посака уште многу вакви успеси на полето на образованието.
– Од мое лично име и од името на Општина Карпош, ви честитам за достигнувањата. Би сакал да истакнам дека вие сте нашата иднина и со знаењето нè направивте особено горди, како вашите родители така и општината од која доаѓате. Убеден сум дека ќе изградиме добра релација и сакам да ве уверам дека вашиот труд секогаш ќе биде вреднуван. Вам ви останува само да учите, а локалната самоуправа ќе биде секогаш тука да ве поддржи и мотивира во вашите понатамошни успеси – посочи Лукровски.












