Наградата „Денес“ за млад визуелен уметник – за Глигорјадис, Добревска и Неделкова

1

Лауреати на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник до 35 години годинава се: Крсто Глигорјадис, кој добива двомесечен престој во „Residency Unlimited“ во Њујорк, во 2026 година; Мила Добревска, која добива едномесечен престој во галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит, во 2026 и самостојна изложба во просторот и Наташа Неделкова, која ќе има самостојна изложба во земјава следната година.

Наградите беа доделени во галеријата „Чифте амам“, каде што е отворена и изложбата на финалистите за наградата.

Мила Добревска
Наташа Неделкова
Крсто Глигорјадис

За наградите одлучуваше жири-комисијата во состав: Хитоми Ивасаки, неодамнешна директорка на Одделот за изложби и главна кураторка во музејот „Квинс“ во Њујорк, а сегашна главна кураторка и директорка на работи од културата на Фондацијата „Исаму Ногучи“ во Њујорк; Рона Копецки, кураторка, историчарка на уметност, уметничка директорка на галеријата „acb“ во Будимпешта и коосновачка на „Easttopics“, платформа, центар и изложбен простор посветен на современата уметност од Централна и од Источна Европа; Ѓорѓи Десподов, мултидисциплинарен македонски уметник што живее и студира во Хаг, Холандија, добитник на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник (2023).

Наградата „Денес“ се доделува на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика што подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда од овој вид во земјава. Оваа значајна и независна награда, која постои 22 години во земјава, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк, вклучува и други можности и резиденции. „Денес“, исто така, овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационално жири и да продуцираат дело во рамките на изложбата, како финалисти за наградата.

Ова 19. доделување на наградата е во организацијата Факултетот за работи што не се учат – ФРУ, Скопје, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма „Residency Unlimited“ (RU) од Њујорк, и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“ од Њујорк.

 

 

ИЗДВОЕНИ