Нафтоводот Солун – Скопје веќе испорачува дизел, ја зајакнува енергетската независност и овозможува побрзо снабдување на целиот регион. Во наредниот период се очекува и втората, потврдуваат извори од грчката компанија „Хеленик енерџи“
На последниот ден од 2025 година, нафтоводот Солун – Скопје беше повторно пуштен во функција, со што Македонија ги зајакнува својата енергетска инфраструктура и регионалниот снабдувачки капацитет. Првата пратка веќе е испорачана, а во наредниот период се очекува и втората, потврдуваат извори од грчката компанија „Хеленик енерџи“.
Извршниот директор на компанијата, Андреас Сијамисис, посочи дека нафтоводот ќе пренесува дизел-гориво, кое е клучен енергетски производ за поширокиот регион. Тој го опиша системот како вертикален коридор за снабдување, кој, освен во Македонија, ќе ја олеснува дистрибуцијата и кон Косово, јужна Србија и кон Бугарија.
– Повторното отворање на нафтоводот го намалува оптоварувањето на сообраќајот во Солун и влијае на заштитата на животната средина, откако снабдувањето во изминатите 13 години се одвиваше преку цистерни – истакна Сиамисис.
Премиерот Христијан Мицкоски во ноември минатата година најави дека Владата ги презема сите потребни чекори за ставање на нафтоводот во функција.
– Ние, како држава, ги спроведуваме сите чекори тој продуктовод, кој беше конзервиран долги години, да биде активен. На Влада помина ценовникот, а по ставањето во функција, компаниите сами ќе одлучуваат дали ќе го користат, бидејќи Владата не управува со бизнисот на приватните компании – рече Мицкоски.
Нафтоводот Солун – Скопје беше неактивен од 2013 година, а повторното стартување се реализира по години преговори и технички подготовки. Во 2020 година, формирана е заедничка комисија меѓу засегнатите страни за да се создадат услови за обновување на работата на нафтоводот. Според Сијамисис, системот има капацитет да пренесува до 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати годишно, вклучувајќи дизел, керозин и бензин.
Со повторното пуштање во функција, нафтоводот Солун – Скопје не само што ја јакне енергетската независност на Македонија туку и го подобрува регионалниот снабдувачки систем и го намалува негативниот еколошки отпечаток од транспортот на енергетски продукти.












