Нестабилната економска ситуација во светот што ја наметна администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, со реципрочните царини, значително ја намали цената на суровата нафта, а тоа повлијае и на малопродажната цена на дериватите на нафтата кои изминативе денови се во надолна линија. И вчера Регулаторната комисија за енергетика на Македонија ги утврди највисоките цени на нафтените деривати кои се во просек за 0,82% пониски во однос на одлуката од 11.4.2025 година.

Универзитетскиот професор Атанаско Тунески, за весникот ВЕЧЕР, вели дека падот на цените на нафтата и на дериватите се должи токму на светските случувања кои предизвикаа пад на цените на берзите, но и на намалувањето на курсот на доларот, кој е на најниско ниво во последниве 5 години.

– Ако курсот на доларот продолжи да се намалува, ќе паѓаат и цените на суровата нафта и на горивата. Без разлика што ќе се случува понатаму, нафтените компании (дистрибутери) нема да загубат ништо, затоа што нивниот дел од колачот ќе остане ист. Но, тоа не се добри вести за државата затоа што тоа ќе предизвика пад на приливот на средства по основ на ДДВ, што значи дека помалку пари ќе влегуваат во буџетот кога имаме пад на малопродажните цени на горивата – вели Тунески.

И покрај падот на цените на горивата, меѓуградскиот автобуски превоз и натаму останува многу скап. Од превозникот „Делфина турс“, за весникот ВЕЧЕР, изјавија дека ја следат состојбата и ќе реагираат со намалување на билетите доколку тој пад е на подолг рок.

– Сега цените на горивата паѓаат, но може за 2-3 недели повторно да се качат. Ако намалувањето потрае, ќе има и корекција на билетите. Секое намалување на цените на горивата влече пониски билети и повеќе патници, а тоа ни го зголемува профитот на нас превозниците. Во 2022 година кога суровата нафта и нафтените деривати рипнаа над 110 денари, тогаш ја утврдивме цената на билетот и изнесуваше и сега изнесува 1,3 евра по изминат километар. Во Хрватска скокна на 1,8 евра по километар, а јас сметам дека реално кај нас би било 1,5 евра по километар. Некои наши превозници одат и со 1,2 евра по километар, што повлекува и поевтини билети, но тоа го прават оние со постар возен парк – вели управителот Аднан Исмаил.

И професорот Тунески смета дека превозниците треба да ги поевтинат билетите, затоа што голем процент во пресметката на цената на возната карта влегува во цената на горивата.

– Ова е краток период како се намалуваат цените на горивата, превозниците не треба веднаш да реагираат, но ако тоа се случува на подолг период, мислам дека треба да ги намалат билетите – вели Тунески. 

Превозните здруженија сами ги утврдуваат цените на билетите и нема интервенција од државата во смисла на некакво ограничување. Тие цените на билетите досега ги правдаа со високи други трошоци, како што се гуми, моторно масло, регистрација, новите патарини што се воведоа во источниот дел од земјата.

Инаку, билетите поскапеа во јуни 2022 година кога цените на горивата достигнаа рекордно високо ниво и на пример еуродизелот тогаш чинеше 110 денари, еуросупер БС-95 достигна рекордни 111,5 денари, а пак еуросупер 98 чини 113,5 денари за литар. Но, во моментов цените на горивата се на ниво – дизелот е 64 денари за литар, еуросупер БС-95 сега е 71,50 денари, а пак Еуросупер-98 сега чини 73,50 денари за литар.  

Најпогодени од скапите билети се студентите од внатрешноста кои најмногу ги користат услугите на автобуските превозници. На пример, студент кој патува од Куманово до Скопје до ланското поскапување плаќал 100, а потоа и 150 денари во еден правен, сега билетот му чини 170 денари. Студент пак, од Тетово сега плаќа 200 денари за да дојде на часови во Скопје, а претходно плаќал 100, односно 120 денари. Од Гостивар билет во еден правец чини 350 денари, а претходно беше поевтин за 100 денари (250 денари). Повратниот билет, пак, што чинел 400 денари, сега чини 550 денари.

Од почетокот на ковид-пандемијата многу превозници ги укина повратните билети на повеќето релации на кои оперираат и сè уште не ги враќаат, па патниците кои доаѓаат во Скопје на еден ден, поради завршување на некоја административна работа или лекарски преглед, немаат избор и повеќе не можат да ја користат придобивката од поевтин повратен билет, туку се присилени да плаќаат две суми за билети во еден правец.

 (С.Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ