Лептоспирозата, болест што ја пренесуваат глодари, продолжува да се шири во областа на Сараево, каде што кон крајот на мај беше прогласена епидемиска состојба, а до понеделник беа потврдени 64 заразени.
Институтот за јавно здравје на округот објави дека во последните 24 часа се потврдени 24 нови случаи на инфекција.
Три лица се задржани на лекување на Клиниката за инфективни болести при Клиничкиот центар (КЦУС).
Најмногу случаи, 51, се регистрирани во општина Нови Град.
Поголемиот дел од заразените, 50 од нив, се лица на возраст меѓу 30 и 65 години. Осум пациенти се на возраст меѓу 20 и 29 години, петмина се над 66 години, додека едно лице под 19 години е исто така заразено.
Инфекцијата со лептоспироза кај луѓето се јавува главно преку контакт со секрети од глодари, т.е. глувци и стаорци кои се размножувале неконтролирано бидејќи немало систематска контрола на глодари во пошироката област на Сараево од 2021 година.
Главно се манифестира со зголемена телесна температура, општа слабост и болки во мускулите, но во некои случаи може да предизвика и крварење и откажување на внатрешните органи, што може да доведе до смрт.
Ова е резултат на фактот што јавните тендери за постапката за дератизација што властите се должни да ги објават редовно се поништуваат во жалбените постапки откако ќе бидат избрани најдобрите понуди, што е хроничен проблем на целиот систем за јавни набавки во БиХ.