Руски дрон се урна и експлодираше на детско игралиште во близина на споменикот на Степан Бандера во Лавов во утринските часови на 15 јануари. Во тоа време, во близина имало општински работници, вклучувајќи ја и чистачката Олха, која по експлозијата продолжила со работа, објавува Украинска правда.
Кога била издадена тревога за воздушен напад, 59-годишната Олха, која работи како чистачка веќе 10 години, не отишла во засолништето и била во близина на местото на експлозијата. Веднаш по експлозијата на дронот, од кој делови паднале до неа, таа продолжила да чисти снег.
„Стоев со колешка. Чистев на автобуската станица. Не знаев дека нешто ќе долета. Потоа ни рекоа да трчаме и тоа прелета право над нашите глави. Се слушна тапа, но многу гласна експлозија“, раскажа Олха.
„Мислев дека е мина, но полицаецот рече дека е дрон-Шахид“, додаде таа.
Подоцна, градоначалникот на Лавов, Андриј Садовиј, ја повикал Олха за да провери како се чувствува, на што таа одговорила дека е добро.
„Не знам дали да ви се заблагодарам или да ве опоменам. Вашата храброст денес ги импресионираше сите во Украина. Сакам да ви се заблагодарам за тоа што ѝ служите на заедницата и за вашата работа. Ќе ви се заблагодариме и поединечно. Но, исто така сакам да нагласам дека кога има воздушен напад, ве молам бидете внимателни и останете безбедни. Разбирам дека работата мора да се заврши, но вашата безбедност е на прво место“, ѝ рекол Садовиј, пренесува Индекс.
Видеото на кое се гледа Олха на местото на настанот брзо стана вирално.
„Нервниот систем на оваа Украинка, Олха од Лавов, треба да биде признаен како нематеријално културно наследство од страна на УНЕСКО, наведе историчарот и новинар Вахтанг Кипијани.
За среќа никој не е убиен во нападот. Возач на трактор кој чистел снег во близина бил лесно погоден од ударниот бран, но е добро.
Според претходните извештаи, оштетени биле девет станбени згради, со скршени прозорци, како и витражите во црквата Света Олга и Елисавета. Прозорците биле скршени и во едно училиште, блискиот колеџ и две згради на Националниот универзитет во Лавов.












