Надојдената вода од реката Тркања вчера попладне однесе 120 јагниња и 100 овци од шталата на Никола Колев во селото Костурино, лоцирана на местото Шепово. Според сопственикот, сѐ се случило за помалку од 10 минути, а надојдената вода носела сѐ пред себе.
– Од брзата и надојдена вода, која достигна над два метри, не успеавме да ја отвориме шталата и да ги извадиме јагнињата и овците. Штетата е голема. Во еден момент постоеше опасност водата да нè повлече и нас, мене и брат ми Никола, но успеавме да се спасиме – раскажува Зоран Колев.
Тој ја пријавил штетата во Општина Струмица, а пцовисувањето на јагнињата и овците го пријавил и кај другите надлежни служби, кои треба да излезат на терен и да ја утврдат висината на штетата.
Дождовите во Струмичко предизвикаа и поплавување на земјоделските површини и на дворовите во селата Муртино и Сачево. Градоначалникот Петар Јанков информираше дека ги посетил критичните точки во селото Муртино и околината, додавајќи дека се на терен екипите на ЈП „Комуналец“, со механизација.
– Дејството на циклонот што го зафати нашиот Југоисточен Регион придонесе за големи врнежи од дожд, надоаѓање на водата, излевање од коритата и поплави. Нашата механизација и екипите остануваат на теренот на сите места каде што се проценува дека е критично. Ќе паѓа дожд и во наредните денови, а ние будно ќе ја следиме состојбата – изјави Јанков.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако, како што велат, на одделни места сè уште има појава на „заезерување“.
– Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино, поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во селото Муртино. Ангажирани се пет булдожери, пет камиони со песок и багер за интервенција на критичните локации.
Исто така, и реката Плаваја во селото Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС „Радовиш“ и на ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.
Од ЦУК соопштија дека поради врнежите од дожд, зачестени се одроните и свлечиштата на патните правци: Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица.
– ЈП „Македонија пат“ – регион Исток континуирано интервенира и ги одржува патиштата проодни, со апел за внимателно и приспособено возење – наведуваат од ЦУК.
Во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема опасност од излевање на реките. Во општините Крива Паланка и Ранковце нивото на Крива Река е зголемено, но нема излевање и пријавени штети. Во Општина Кратово нема штети, а зголемениот водостој на Кратовска и на Крива Река е во рамките на коритата.
Исто така, и во општините Битола, Новаци, Могила, Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Демир Хисар нема пријавено штети од врнежите. Во Општина Крушево, нивото на реката Црна кај селото Бучин е зголемено, но е стабилно и без опасност од излевање. И на подрачјето на РЦУК Охрид состојбата е мирна, без врнежи од дожд и без пријавени штети. Состојбата е стабилна и нема опасност од излевање на реките во општините Велес, Неготино, Кавадарци, Свети Николе и Лозово.
– Во ридско-планинските делови на Општина Кавадарци има нови врнежи од снег. ЈП „Комуналец“ со две возила интервенира на критичните патни правци. На патниот правец Кавадарци – Мушов Гроб – Мајдан има одрони кај месноста Катуниште, каде што ЈП „Македонија пат“ врши расчистување. Сите патишта се проодни. Од браната „Мавровица“ продолжува прелевањето на водата од 2 см над максималната кота, без опасност од излевање и загрозување на околината – информираат од ЦУК .
На подрачјето на РЦУК Тетово, состојбата е мирна, без врнежи од дожд и без пријавени штети. И во РЦУК Скопје засега нема пристигнато пријави за штети предизвикани од врнежите од дожд.
– Состојбата е редовна и континуирано се следи – потенцираат од ЦУК.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека утре кон крајот на денот и в четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. В петок и в недела ќе преовладува претежно облачно време, со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а в сабота и в понеделник ќе биде променливо облачно.
(А. П.)












