Граѓаните на Ново Лисиче и на Аеродром, кои ја блокираат крстосницата кај мостот „Близнаци“ за да ги натераат надлежните да го решат проблемот со поранешната депонија „Вардариште“, утринава повторно се собрале, но иако уредно поканети, не дошол ниту еден од надлежните. Биле поканети претставници од Град Скопје, Општина Гази Баба, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за социјални политики, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, ЈП „Комунална хигиена“, Владата и претседателката.
На собирот се појавил само в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески. Тој им порачал на насобраните дека ја имаат неговата поддршка.
– Заеднички ќе се бориме за подобар и почист воздух, зашто мене, вам, на сите ни пречи она што се случува. Конкретно за депонијата „Вардариште“, ги знаете мерките што интервентно беа преземени. Последно, по нашата заедничка посета на делот од депонијата „Вардариште“, видовме една локација каде што имаше депонирано кабаст отпад и шут. Тој отпад ќе биде отстранет и влезот, односно пристапот таму, ќе биде блокиран. МВР ќе продолжи со патролно, физичко обезбедување на депонијата „Вардариште“, со цел во наредниот период да нема никакво палење – рекол Митески пред насобраните.
Неговиот одговор не ги задоволил револтираните граѓани. Повторно побарале од него да ги покани колегите од другите општини и сите оние што ги водат надлежните институции, а доаѓаат од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Аеродромци, во саботата, заедно со Митески биле на „Вардариште“, но не им бил овозможен пристап, затоа што немале дозвола.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ изразија разочараност од отсуството на институционална координација и порачаа дека партиските разлики не смеат да бидат пречка за решавање на проблемот со „Вардариште“.
Протестите продолжуваат и се закажани и за во 18:00 часот.
Млади од Трубарево палеле кабли во Аеродром
Две момчиња од Трубарево биле уапсени во Аеродром бидејќи палеле кабли.
Според информација од Министерството за внатрешни работи, викендов полициски службеници од полициската станица во Аеродром ги лишиле од слобода Т. М. (23) и И. М. (26), двајцата од Трубарево. Нив ги пријавил вработен во Општина Аеродром, кој сведочел дека тие во парк на булеварот „Февруарски поход“ палеле кабли. Полицијата ги затекла на самото место и ги лишила од слобода.
Тие се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава за делото предизвикување општа опасност.