Министерството за енергетика, рударство и минерални во соработка со АД ЕСМ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го одбележа успешното завршување на два проекти за развој на работната сила, кои ја поддржуваат праведната енергетска транзиција. Церемонијата за доделување сертификати се одржа во Битола со присуство на надлежни институционални и меѓународни претставници.
Проектите се дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, координирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Целта е поддршка на работниците и заедниците погодени од транзицијата од јаглен преку зајакнување на вештините, подобрување на вработливоста и градење отпорност во енергетскиот сектор.
Во рамки на овие проекти, повеќе од 600 вработени во АД ЕСМ учествуваа во структурирани обуки за технички и менаџерски вештини, вклучувајќи продуктивност, управување со енергија, лидерство, комуникација и инсталација на соларни системи. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за техничка соработка и Bloomberg Philanthropies, преку ЕБОР.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека праведната транзиција не значи само чиста енергија. Таа значи луѓето да имаат место во иднината што ја создаваме.

– Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да се справат со претстојните промени. Ова ја прави институцијата посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем – рече таа.
Раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, нагласи дека инвестирањето во луѓето е основа за успешна енергетска транзиција. Тој посочи дека региони како Битола и Осломеј со децении играат клучна улога во националната енергетска сигурност и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани во процесот на трансформација.
ЕБОР, исто така, најави започнување на платформата „Women-led Coal Transition“ во вредност од 150.000 американски долари за Северна Македонија, која ќе ги поддржи жените вработени во енергетскиот сектор и погодени од транзицијата.
Како регионите зависни од јаглен влегуваат во ново поглавје, континуираните инвестиции во вештини, иновации и локален економски развој остануваат клучни за обезбедување просперитет на заедниците како Битола и Осломеј. Завршувањето на овие програми е значаен чекор кон праведна транзиција, потврдувајќи дека долгорочното инвестирање во луѓето е основа за модерен, конкурентен и одржлив енергетски систем.












