вторник, февруари 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Над 500 илјади граѓани ќе добијат пари од поврат на ДДВ

Над 500 илјади граѓани ќе добијат пари од поврат на ДДВ

169

Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека започнува исплатата на средства за скенираните фискални сметки за четвртото тримесечје од 2025 година. За четвртиот квартал од 2025 година ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата „Мој ДДВ“.

Оттаму појаснуваат дека до денес, реализирани се 184,5 милиони денари кон 104.000 корисници на апликацијата „Мој ДДВ“. Исплатата на средствата продолжува, како се обработуваат налозите така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на „Мој ДДВ“.

УЈП напоменува дека во овој момент, 5.292 корисници што скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што УЈП не е во можност да ја реализира исплатата. Се апелира до граѓаните доколку немаат добиено средства, да ги проверат и ажурираат податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата „Мој ДДВ“.

Откако кон крајот на минатата година доцнеше исплатата на повратот на ДДВ, се појавија шпекулации дека би можела да се укине мерката поради високите трошоци и слабите резултати во борбата против сивата економија. Но, од Министерството за финансии и од УЈП им го препишаа тоа на неажурираните податоци и на техничките пречки.

Од УЈП информираа дека средствата кон граѓаните што имаат валидни и точни податоци во системот и што немаат правено промени на сметката или банката, се исплаќаат во континуитет и без проблем. И апелираа до граѓаните што имаат неажурирани, односно невалидни податоци во системот, прво да внесат точни податоци во системот за да може да добијат поврат на средствата по основ на скенираните сметки во апликацијата „Мој ДДВ“.

Оттаму апелираа до граѓаните да не веруваат во шпекулации, бидејќи има средства во буџетот и нема место за сомнежи или за каков било страв дека нема да ги добијат средствата за скенираните фискални сметки.

 

ИЗДВОЕНИ