Над 400 семејства добија субвенции за струја за пет месеци 

36

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во текот на јули 2025 година започна со исплата на финансиската поддршка за добитниците од претходната програма за субвенции.

Средствата се исплатени на 311 домаќинства со едно или со повеќе деца со попреченост и на 94 згрижувачки семејства. Исплатата е извршена за март, април, мај, јуни и за јули.

Наеднаш се префрлени средствата за март, април, мај и за јуни. Доколку префрлените средства го покриваат износот на сметката за електрична енергија, остатокот се пренесува за следниот месец и на сметката е евидентиран како претплата.

Од Министерството потсетуваат дека е во тек аплицирањето за две програми за финансиска поддршка.

Поддршка на ранливите потрошувачи на електрична енергија за 2025 година – на домаќинства со едно или со повеќе лица со тешка или со длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, целосно слепо лице или целосно глуво лице. Финансиската поддршка изнесува 1.000 денари месечно во текот на 12 месеци, преку намалување на сметката за потрошена електрична енергија.

Во тек е и програма за набавка и вградување на инвертер клима-уреди – за домаќинствата што ги исполнуваат условите утврдени во јавниот оглас, со цел намалување на потрошувачката на електрична енергија и подобрување на енергетската ефикасност.

Обезбедени се вкупно 170 милиони денари за реализација на оваа мерка, и тоа 120 милиони денари за домаќинствата со мали приходи и 50 милиони денари за домаќинствата чиј единствен приход е пензија.

Секое домаќинство што ќе биде одбрано, ќе добие купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа најмалку А+, како дел од мерките за енергетска ефикасност и за намалување на трошоците за енергија.

Министерството ги повикува сите граѓани што ги исполнуваат условите, да аплицираат навремено и да ја искористат оваа можност за намалување на трошоците за електрична енергија.

ИЗДВОЕНИ