Тринаесеттото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ќе се одржи од 26 септември до 1 октомври, во Младинскиот културен центар и во Кинотеката. Фестивалот ќе биде отворен од амбасадорот на Република Италија, Паоло Палминтери, вечерва во 20:00 часот, во киното „Фросина“, а потоа ќе биде прикажан филмот „Засекогаш со тебе“ (Io non ti lascio solo) на режисерот Фабрицио Катани. Овој филм неодамна ја имаше светската премиера на Филмскиот фестивал во Локарно. Влезниците за отворањето на фестивалот се бесплатни.
Во наредните шест дена, Скопје ќе биде домаќин на 400 учесници од Македонија, како и на 30-ина младинци од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и од Црна Гора. Сите учесници на фестивалот го сочинуваат жирито, поделено во три категории според возраста: јуниори (од 10 до 14 години), кадети (од 14 до 16 години) и сениори (од 17 до 19 години). Сите проекции на филмови, работилници и содржини наменети за младите учесници на фестивалот се целосно бесплатни.
Учесниците во текот на петте дена ќе гледаат филмови, ќе се вклучуваат во дискусии и мастер-класови и ќе одберат да учествуваат на една од седумте креативни работилници на кои ќе може да креираат филмови, фотографии, стрипови и перформанс.
Во рамките на конференцијата „Creative You(th) Talks“ ќе бидат претставени млади автори и иницијативи и ќе се дискутира за теми што ја засегаат младата генерација. На работилницата „Young Europeans meet the Italian Youth Agency“, пак, ќе учествуваат учесниците од повеќе земји, кои ќе се запознаат со активностите на Италијанската младинска агенција, која управува со европските младински програми во Италија и со многу иницијативи и можности за промовирање на учеството, инклузијата, талентот и креативноста кај младите. На фестивалот ќе се придружи и г. Клаудио Губитози, основач и директор на Филмскиот фестивал „Џифони“ од Италија, на чија иницијатива, пред 13 години, беше создаден фестивалот „Џифони Македонија“, како еден од најважните столбови на визијата „Џифони“ во балканските земји.
На крајот од фестивалот, од учесниците што ќе бидат најактивни во дискусиите и на работилниците, ќе рециклираат и ќе бидат добри домаќини на гостите од странство, ќе бидат избрани најдобрите 12-мина за учество на Филмскиот фестивал „Џифони“ во Италија, во 2026 година и на други меѓународни фестивали во Европа.
Свеченото затворање на фестивалот, на 1 октомври со почеток во 19:00 часот, ќе претставува презентација на целата креативната работа на учесниците на седумте работилници во текот на петте дена. Ќе бидат изложени сите фотографии и стрипови и ќе се прикажат сите кратки филмови направени од учесниците во текот на фестивалот.