Камери насекаде, толеранција никаде, реагираа граѓаните што пријавуваа нелогичност од системот со камерите на „Безбеден град“. Екипа на весникот ВЕЧЕР затече неколкумина на отворениот пункт во Управата за вадење лични документи во зградата на МТВ.
– Ми стигна налог на мобилниот телефон дека сум направил прекршок на булеварот „Јане Сандански“, дека сум поминал на црвено, а јас во тој период бев на работа, автомобилот ми беше паркиран – вели скопјанец.
Друг, пак, со сличен проблем.
– Ми пратија опомена дека сум бил на моторче и дека сум поминал на црвено. Како кога тоа моторче два месеци не е излезено и поместено од гаража? – вели граѓанинот.

И од МВР потврдуваат за весникот ВЕЧЕР дека во текот на првиот ден откако е отворен шалтерот за пријавување на проблемите од „Безбеден град“, возачите најмногу се жалеле дека не го управувале возилото за што им стигнала тест-казна. За еден ден, во МТВ лично се пожалиле и поднеле вкупно 86 барања за промена на податоците, односно и-мејл и телефонски број.
– На мејлот [email protected], во првиот ден се пристигнати 180 барања, поплаки, известувања од граѓани. Најголем дел се однесуваат на опомените. Граѓаните информираат дека не го управувале возилото во тој период на локацијата за која ја добиле опомената, за погрешно пристигната опомена за друго возило – велат од МВР.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека ќе бидат надминати сите технички проблеми пред да почне да функционира системот, до 1 февруари.
Рече дека веќе разговарал со новиот градоначалник на Скопје да почне да функционира зелениот бран на семафорите, со што поминувањето на жолто нема да се толерира, па возачите ќе мора да го „фатат“ зелениот трепкач и да поминат прописно во последен момент. Сега, според надлежните, најмногу им се придава внимание на брзината со која се вози и на поминувањето на црвено, а нема да се толерираат непрописно паркираните на булеварите заради кафе-седенка.
Тошковски најави дека цела Македонија ќе биде покриена со камери од 1 јули, особено влезовите и излезите на градовите. Сподели податоци од Клиниката за трауматологија, дека е намален бројот на пациенти со повреди од сообраќајки за 20 %. За потсетување, земјава годишно бележи 4.000 сообраќајки со повреди, од кои половина причинети поради брзо возење.
Во новиот Кривичен закон, кој влезе во собраниска процедура, предвидено е одземање на возилото доколку биде фатен возачот без положен возачки и во друга ситуација, ако претходно е санкциониран возачот за брзо возење, втората грешка ќе го чини автомобил. Ако трипати во период од четири години ви изречат забрана за управување, на следната ќе ви го одземат возилото.
– Овој систем не врши селекција кој е кој во општеството – министерот вети санкции за секој оној што ќе се обиде да го злоупотреби системот на некој начин. (П.А.)












