Над 20 пожари на отворен простор избувнаа денеска низ Македонија, а најкритична е состојбата во струмичкиот регион.
Огнот кај селата Баница и Водоча брзо се проширил низ сувата трева и се приближил до првиот ред куќи. Во гаснењето се вклучија струмичките пожарникари, како и екипи од Гевгелија, Валандово и Радовиш. Ангажирана е и градежна механизација, со која се прават противпожарни појаси за да се спречи ширењето на огнот кон населените места.
Според информациите од терен, нема изгорени куќи ниту повредени граѓани, но огнот зафатил еден помошен објект. Една повозрасна жена превентивно била евакуирана од својата викендичка. Во моментов низ земјава се активни најмалку 11 пожари од вкупно 20 регистрирани во текот на денот.
Нови жаришта има и во скопско Студеничани, тетовско Желино, кичевско Тајмиште, гостиварско Врапчиште и Маврово-Ростуше.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, предупреди дека поради температурите кои достигнуваат 40 степени бројот на пожари може дополнително да расте.
Во Мариово ситуацијата е речиси целосно ставена под контрола, освен кај селото Бонче, каде што и понатаму интервенираат тимови за брз одговор.











