Бербата на винското грозје е прикрај, а по еден месец од почетокот на откупот, над 20 милиони килограми грозје стојат неоткупени. Лозарите се оставени сами, без поддршка од власта, во исчекување дали ќе им биде откупен родот. Тврдат дека ако не се откупи оваа количина во следните неколку дена, грозјето ќе загуби на квалитет, ќе загуби на тежина за потоа да биде откупено по многу пониска цена.
Трајан Димковски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ, вели дека откупот се одвива забавено, без јасна стратегија и без одговорност. Сега, на крај од бербата и откупот, се најавува дека наводно винарницата „Вардар“ ќе го откупи вишокот грозје – над 20 милиони килограми. Дали знае Владата дека оваа винарница последен пат откупувала во 2020 година, и тоа со капацитет од едвај 7 милиони килограми и дали воопшто е познато нејзиното финансиско портфлио? – истакна Димковски.
Тој го повика премиерот Христијан Мицкоски да излезе на терен меѓу вистинските лозари, да ги погледне лозарите в очи и да понуди реално решение за откуп на грозјето.