Над 110.000 прекршоци на скопските улици за 24 часа – над 90 отсто ја пречекориле брзината

88

За 24 часа од пуштањето во пробна употреба на системот „Сејф Сити“, се детектирани 110.000 прекршоци само на територијата на Град Скопје, посочи министерот за внатрешн работи Панче Тошковски. И како што рече најголем дел од нив биле поради прекорачување на брзината.

„Не велам дека Сејф Сити е идеален, сигурно ќе има одредени елементи кои ќе мора да ги докорегираме, и ќе видиме дека може и подобро. Отворени сме да постапиме во насока на подобрување на системот. Вчера имаше околу 1.000 нерегистрирани возила, околу 5.000 поминувања на црвено што е катастрофално. Најстрашно е што над 90% од вкупната бројка е пречекорување на брзината – додаде Тошковски.

Целта на тест периодот е да ги запознае граѓаните со функционирањето на системот Безбеден град и да се направи ревизија на системското решение. Тој додаде дека се констатирани некои слабости во системот и дека тие ќе се корегираат и во следниот период ќе се одлучи колкава ќе биде толеранцијата на прекорачување на брзината.

„Има земји во Европа каде што нема толеранција, има земји каде што толеранцијата е 10% од дозволената брзина. Ќе разговараме во идниот период и ќе одлучиме“, изјави Тошковски.

Тој додаде дека законот ќе важи за сите, освен за возила на Брза помош и возила на МВР кои се во службени активности.

Министерот кажа дека во изминатиот период биле казнети тројца министри.

„Ќе бидат казнувани министри. Јас знам дека во изминатиот период веќе се казнети најмалку тројца министри. Имињата не би ги кажувал сега. Додека министрите се возат службено и со полициска придружба не може да бидат казнувани, но и ние возиме приватни возила, и верувајте дека ниту ние нема да бидеме поштедени од одговорност“, рече Тошковски.

Во 2024 година имало 142 жртви во сообраќајни несреќи, а министерот порача граѓаните да ја имаат предвид таа бројка кога ќе дебатираат за потребата од системот Безбеден град. Тој остави можност законот да профункционира од 1 февруари наместо од 1 јануари со цел да се допровери системот и граѓаните да бидат целосно запознаени.

ИЗДВОЕНИ