– Нема успешна децентрализација без локална демократија. Овие двa процеси се условени еден со друг. Учеството на граѓаните во донесувањето на одлуките на локално ниво е огледало на локалната самоуправа. Проектот е многу значаен затоа што се воспоставени механизми за отчетно и транспарентно работење на локалните власти, изјави заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими на дводневната конференција на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан 3 (ReLOaD3) која се одржува во Скопје под мотото „Резултати и регионално влијание: Зајакнување на локалното управување и граѓанското општество во Западен Балкан“.

Симела Цакири, раководителката на тимот за координација на граѓански организации и медиуми во Западен Балкан и Турција при Европска комисија ги најави конкретните очекувања од новата фаза на програмата.

– Врз основа на добрите резултати од првите две фази, Европската унија издвои 10,75 милиони евра за третата фаза на програмата ReLOaD. Благодарение на континуираната поддршка, ReLOaD3 ќе овозможи спроведување на над 280 проекти на организации на граѓанското општество, кои ќе реализираат разновидни активности засновани на локалните приоритети. Очекуваме над 33.000 граѓани од локалните заедници низ регионот на Западен Балкан да имаат корист од овие проекти – рече Цакири.

Постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, Армен Григорјан, рече дека за позитивниот ефектот на програмата врз локалниот развој зборуваат видливите придобивки во земјава, каде што се реализирани повеќе од 100 иницијативи на граѓанското општество во 11 локални заедници.

– Со ReLOaD3 влегуваме во фаза фокусирана на проширување на успешните практики, зајакнување на институционалните капацитети и обезбедување нивна одржливост. Оваа конференција, прва од ваков вид во новата фаза, претставува важна можност да се осврнеме на постигнатиот напредок, да размениме искуства и да ја обликуваме нашата заедничка визија за годините што следат – истакна Григорјан.

ReLOaD3 е финансирана од ЕУ и се спроведува од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.

ИЗДВОЕНИ