Според Марија Кичевска-Шокаровска, уметнички раководител на балетот, се работи за современ балет во еден чин, а нашиот реномиран композитор Стојков, посочи дека инспирацијата за композицијата му биле стари антички музички записи. Главните ликови во претставата, која ќе се одржи на големата сцена на МОБ на 19 септември (20 ч.), ги толкуваат Кичевска-Шокаровска, Ева Перковска, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Симона Колиштркоска и Ендру Кук (Англија)
„Градина на почетоците“ е насловот на националното балетско дело чија премиера ќе се одржи на 19 септември (20 часот) на големата сцена на Македонската опера и балет. На музика на Стојан Стојков и по либрето на Ефтим Клетников, оваа претстава е вистинско освежување со кое започнува годинешната балетска сезона на оваа национална културна установа. Кореографијата е на Џан Арслан од Турција, а со оркестарот ќе диригира Иван Еминовиќ.
Според Марија Кичевска-Шокаровска, уметнички раководител на балетот, се работи за современ балет во еден чин, а нашиот реномиран композитор Стојков, посочи дека инспирацијата за композицијата му биле стари антички музички записи. Главните ликови во претставата ги толкуваат Кичевска-Шокаровска, Ева Перковска, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Симона Колиштркоска и Ендру Кук (Англија).
– Мојот предмет на интерес и работа беше „полифонијата“, каде истражувам и им пренесувам на студентите музика од пред седмиот век. Во тоа истражување наидов на интересни антички записи кои малку се познати во музиката. Оттука тргна целата работа, потоа се надоврзуваа сликите и така се направија вкупно девет. Инаку, јас сум автор кој претпочита создавање на творештво врз база на македонски рурален фолклор, кој е податлив, за обликување на сценско дело и композиторски приод. Сакав на моите студенти да им покажам дека треба да знаат да создадат дела и врз база на духовна музика и врз база на електронска музика и врз база на современите текови во творештвото. Е оваа композиција не е романтична, не е строго класична, туку има повеќе современи елементи и е со интересна оркестрација, кажа Стојков на вчерашната прес- конференција по повод балетската премиера. Ова е негов втор балет по „Ташула“ по цели 25 години.
Кореографот Арслан, пак, додаде дека му се допаднала идејата да се вклучи во овој проект.
– Музиката е многу силна, разговарав со него и ја видов неговата визија. Му ја кажав и мојата идеја. Ова беше убаво патување сите и работевме напорно, истакна меѓудругото Арслан.
Генералниот менаџер на МОБ, Кире Павлов, посочи дека овој проект најпрво бил прифатен, а потоа заборавен од претходното раководство, но благодарение на министерот Зоран Љутков и генералниот директор Оливер Арсовски, најден е начин овој проект да се реализира во 2025, иако не бил предвиден со Програмата.
– Имавме тешкотии кои за краток период ги надминавме. Со кореографот Џан Арслан соработуваме долги години. Сите заедно работевме, помагавме посебно околу сценографијата и костимографијата. Се надевам дека ова дело подолго ќе се задржи на репертоарот и дека ќе успееме некои од нашите македонски дела да ги презентираме и надвор од државата и да ги продадеме, што е потешко бидејќи продаваме наше дело со наша историја и музика, кои претходно треба да бидат добро објаснети, нагласи Павлов.
Во балетот настапуваат и Христина Наќевска-Митрашиновиќ, Илијана Данилов, Виолета Карајанова, Симона Колиштркоска, Илијана Данилов, Виолета Карајанова, Саша Евтимова, Наташа Трендафилова-Гицев, Ангела Богатиновска, Медина Јусуфовиќ, Матеа Каревски, Мартина Димовска, Мила Бошков, Јована Лазова, Балаж Лочеи (Унгарија), Мирослав Митрашиновиќ и Веселин Трајковски. (Д. Т.)
Фото: Ѕ.Плавевски