Сцената „Долни Сарај“ синоќа беше центар на музичките збиднувања во Охрид, со концертот на „Охридско лето“ што го одржаа Националниот џез-оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, вокал и саксофонист, Шеон Кути, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Кути, познат по своите атрактивни изведби и по социјално свесната музика, е најмладиот син на пионерот на афробитот, Фела Кути. Поголемиот дел од својот живот го има поминато зачувувајќи ги и продолжувајќи ги политичкото и музичкото наследство на својот татко, како водач на бендот „Еџипт 80“. Неговата дискографија со бендот вклучува пет албуми, од кои последниот, „Heavier Yet (Lays The Crownless Head)“, издаден минатата година, е продуциран од Лени Кравиц. Шеон Кути беше номиниран за наградата „Греми“ во 2018 година и често соработува со врвни џез-музичари.
На програмата беа изведени авторски композиции од богатото творештво на Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.
– Ова беше премиерна изведба на ваков вид музика, бидејќи се нови аранжмани, кои ги работевме со Шеон за овој проект, така што ова е премиерна изведба. Имаше композиции што никогаш досега не беа изведени, премиерни се и не се издадени на ниту еден носач на звук. Размислувавме што би било интересно да направиме, а да биде малку поразлично од сите претходни години и констатиравме дека, можеби, афробит-музиката или стилот е добро решение за еден летен концерт на кој луѓето може да уживаат, да танцуваат и да се веселат на убавите и силни текстови, кои повикуваат на љубов, слобода, револуција, на спас за духот – вели диригентот Џијан Емин.
Целата музика што беше претставена, според него, е базирана на танц.
– Мене лично ме привлекува африканската музика и ретко се случува да имаме вакви настани. Овој концерт е прва соработка на Националниот џез-оркестар со Шеон Кути. Кога бев дел од Македонската филхармонија, работев со неговиот постар брат, Феми Кути, со кого одржав концерт во Градскиот парк во Скопје, но и еден концерт во Белград, пред 25-илјадна публика – појаснува Емин.
Националниот џез-оркестар е резултат на напорите на врвните џез-музичари од земјава со интернационална кариера, студенти и професори од џез-академиите во Скопје и во Штип, како и на бројните љубители и поддржувачи на џез-музиката во Македонија. Како национална установа, постои од 2024 година, а почетоците и првите биг-бенд концерти датираат од 2016 година, во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.