сабота, јули 18, 2026
Дома КУЛТУРА Националниот џез-оркестар ќе го отвори првиот „Џез-стрим фестивал“ во Струмица

Националниот џез-оркестар ќе го отвори првиот „Џез-стрим фестивал“ во Струмица

52

Во Струмица, од 4 до 7 јуни, ќе се одржи првиот „Џез-стрим фестивал“. Со ова, градот станува место каде што џезот ќе ги поврзува луѓето, а оваа „урбана приказна“ започнала уште во 1967 година со формирањето на првиот диксиленд-оркестар, што ја позиционира Струмица како пионер на македонската џез-сцена.

– Таа традиција низ децениите не згасна, таа се трансформираше, преточувајќи се во виртуозноста на бројни музичари. Тој мост помеѓу традицијата и модерноста, помеѓу минатото што нè обликувало и иднината што ја создаваме, е суштинската причина за настанувањето на „Џез-стрим фестивал“. Овој фестивал не е само збир на концерти – тој е чин на културна ревитализација на нашиот град, рече Трајче Бјадов, кој заедно со Томе Марангозов и Никола Маџиров се дел од иницијаторите за реализациjа на џез-фестивалот во Струмица, кој има за цел и да го поттикне творештвото на џез-музика.

Бјадов додаде дека уметничката и идејната концепција, како и програмската визија, е на поетот Никола Маџиров, човекот што го дал и називот „Џез-стрим“ (Jazz STReam), влевајќи во него слогани кои ќе одѕвонуваат во градот: „Безбеден џез во градот“ и „Сејф Струмица џез“.

Првото издание на фестивалот, на 4 јуни во 20:00 часот, во Големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, ќе го отвори Националниот џез-оркестар. Публиката ќе има можност да ужива во моќниот звук на биг бенд оркестарот во живо, под диригентство на маестро Џијан Емин. Ова воедно ќе биде и прво гостување на Националниот џез-оркестар во Струмица. Наредниот ден, на програмата е „Гоце Стевковски квинтет“. Настапи ќе имаат и Тони Китановски Трио, Алиќ, Ѓошиќ, Ангелов и Јаневски Квартет, па американскиот „Трансверс“, „Летечки пекинезери“, Хот џез-оркестар + Пијан Славеј, а завршната вечер на фестивалот ќе биде заокружена со фузија од класичен џез-звук и специфичниот авторски израз на „Пијан Славеј“.

Настапите ќе се реализираат во НУЦК „Антон Панов“, а предвидена е и богата оф-програма со промоции на книги и музички албуми. Билетите за сите фестивалски вечери се бесплатни.

ИЗДВОЕНИ