Концертот „Македонски сновиденија“ на Националниот џез оркестар, под диригентство на Владимир Николов, ќе го отвори 25. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“. Концертот ќе се одржи на 25 октомври, во 20:00 часот, во малата сала на Македонската филхармонија.
–Овој проект претставува ново поглавје во работата на Националниот џез-оркестар. Првпат од неговото формирање, оркестарот подготвува нови обработки на македонски народни песни, како и оригинални композиции инспирирани од македонскиот фолклор. Покрај самата концертна изведба, проектот е замислен и како авторска иницијатива на оркестарот, со планови за снимање, архивирање и понатамошна интеграција на материјалот во творечкиот опус на оркестарот, посочуваат од Националниот џез-оркестар.
Фестивалот „Есенски музички свечености“ ќе трае до 10 ноември, а во рамки на програмата ќе се одржат концерти на Георги Шарески, насловен „Соло гитара“ со авторска музика (31 октомври), на женскиот хор „Фрида од Македонија“ насловен „Фрида Музикотерапија“ (2 ноември), на гудачкиот квартет Пламенка Трајковска – „Веселата војна“ (5 ноември), на Берислав Јерковиќ, баритон и Ана Дадиќ, на пијано од Хрватска – „Звуци на срцето и душата“ (6 ноември), на Миреа Пинто, мецосопран и Владислав Броневецки, на пијано од Шпанија – „Впечатоци од Шпанија“ (8 ноември) и на Једен Ансамбл од Турција (10 ноември). Сите настапи се одржуваат во Салон 19,19, во КИЦ, освен концертот на женскиот хор „Фрида од Македонија“, што ќе се реализира во Музејот на македонската борба.
– Во 2025 година, фестивалот гордо го одбележува своето јубилејно 25. издание, потврдувајќи ја својата мисија да биде симбол на есенската музичка култура и неизоставен дел од културниот идентитет на градот. Секоја есен, од периодот од октомври до ноември, Скопје станува сцена на врвни музички доживувања што ја обединуваат класичната, камерната, џез и современата музика, посочуваат од Дирекцијата за култура и уметност, организатори на фестивалот чие основање е во 1999 година.












