Националната галерија на Македонија и Музејот на современа уметност од Белград (Република Србија), се обврзаа на меѓусебна културна соработка со потпишување меморандум. Целта на овој документ, кој го потпишаа двајца директори на овие институции, Маријана Колариќ (Србија) и Али Синани (Македонија), е заштита и презентација на културното наследство на современата уметност, градење капацитет и едукација на стручниот персонал од двете институции. Соработката вклучува и реализација на поединечни и заеднички програми во согласност со можностите на обете страни, а ќе се преговара за соработка и околу секоја активност поединечно.

– Првпат една македонска национална установа, во овој случај Националната галерија, потпишува меморандум за културна соработка од овој тип. Како резултат на воспоставената соработка, ви ја најавувавме самостојната изложба на академик професор Жарко Башески, закажана за годинава, токму во изложбениот простор на Музејот на современа уметност во Белград. Возвратно, ја најавуваме и самостојната изложба на ликовниот уметник од Белград, Мрѓан Бајиќ, закажана за 2027 година, во Националната галерија на Македонија. Бајиќ е добитник на орденот Витез на уметноста од Министерството за култура и комуникации на Република Франција во 2015 г., а од  2021 година е член на Српската академија на науките и уметностите, велат од Националната галерија.

Инаку, оваа институција ќе склучи ист ваков меморандум за културна соработка и со Музејот на современа уметност и применети уметности од Загреб, Република Хрватска. Директорот на Музејот, Сањин Михелиќ, треба да допатува во Скопје на крајот од месец јануари, кога и официјално ќе се потпише меморандумот. Воедно, се очекува реализација на меморандум за соработка со Република Косово и со Република Албанија, со нивни сродни национални институции.

ИЗДВОЕНИ