Човечкиот капитал и дигитализацијата на општеството се централни елементи во Националната развојна стратегија 2022-2044, која како долгорочен стратегиски документ се очекува да донесе позитивни резултати и напредок во сите сегменти во општеството. Сепак, од Владата велат дека дури и да се остварат сите предвидени активности, тешко можеме да го стигнеме европскиот просек бидејќи стартуваме од многу лоша почетна позиција.
Една од конкретните алатки која е дел од Стратегијата е и неодамна отворениот Ресурсен центар за поддршка на локалниот развој. Досега фокусот е на реформи во правосудството, безбедноста, одговор на кризи, а во следната фаза следуваат образованието, здравството и други ресори. Во најава е и воведување на регулаторната гилотина, која ќе ги олесни и поедностави стандардните процедури. Од Владата информираат дека интензивно се работи на реализација на стратегијата која е донесена лани во октомври и од останатите стратешки документи се издвојува по тоа што е донесена со консензус на сите политички чинители и е прва која е преточена во закон. Формиран е и национален совет со кој раководи премиерот, a го сочинуваат претставници од институциите, експерти, професори, претставници на невладиниот и бизнис секторот. Досега биле донесени 44 мерки, во различен степен на реализација во шест стратешки области: Одржлива, иновативна и конкурентна економија, Одржлив локален и регионален развој, Демографска ревитализација, социјален и културен развој, сигурно, безбедно и отпорно општество, владеење на правото и добро управување и зелена трансформација.
За поддршка на спроведување на НРС, отворена е и дигитална платформа nrs.mk, каде што секој може да го следи нејзиното спроведување, но и да внесе свои идеи и насоки за поуспешно спроведување на проектите.












