„Национална географија“ го откупи „Силјан“; Документарецот на Тамара Котевска во двојна трка за номинација за „Оскар

283

Откупот од „Нешнал џеографик документари филмс“ значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот. Тоа му овозможува на филмот, преку каналите на „Нешнал џеографик“ и на „Дизни+“ и со силна маркетинг и фестивалска поддршка, да стигне до публиката во преку 170 земји

„Фактот дека ‘Силјан’ е откупен од ’Нешнал џеографик документари филмс’ за мене е најголемото животно достигнување. Бидејќи јас сум документарист токму поради ’Национална географија’. Како мала, буквално седев пред трафика и чекав да се отвори за да можам да го купам списанието ‘Национална географија’, кое излегуваше еднаш месечно. И сонував да бидам дел од тие авантури и да можам да го работам тоа еден ден. Тоа ми беше најголемата мотивација, но многу недостижно нешто. Си мислев, што и да правиш, не можеш да сигнеш дотаму. И сега, кога тоа се случи, тоа беше најголемиот шок и најголемата потврда што може да ја добие еден документарист, особено оној што се занимава со односот човек-природа“, рече македонската режисерка Тамара Котевска по повод информацијата дека нејзиниот трет документарец „Силјан“ е откупен од страна на еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања, ’Нешнал џеографик документари филмс’. Документарецот на Котевска, инспириран од позната македонска бајка „Силјан штркот“, е годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.

Откупот значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот. Тоа му овозможува на филмот, преку каналите на „Нешнал џеографик“ и на „Дизни+“ и со силна маркетинг и фестивалска поддршка, да стигне до публиката во преку 170 земји.

Паралелно со договорот со „Нешнал џеографик“, дел од правата за „Приказната за Силјан“ ги презема британскиот „Догвуф“ (Dogwoof), чиј каталог вклучува повеќекратни добитници на „Оскар“ и на „Бафта“. „Догвуф“ ќе биде задолжен за дистрибуцијата на филмот во Австралија, Јапонија и Полска.

Котевска потврди дека „Силјан“ е откупен и дека ќе оди и во документарното натпреварување за оскарите.

Со тоа „Силјан“ сега е во двојна трка за номинација за наградата „Оскар“  и во категоријата на документарци и во категоријата за најдобар интернационален филм.

„Ќе се случува двојна кампања за Силјан“, рече режисерката, која е и продуцентка на филмот.

„За мене, ова е најголема потврда дека филмот е веродостоен и дека неговата приказна е релевантна во светски рамки. Сето ова ни дава надеж дека филмот ќе има уште поголем одек во следната фаза на оскаровската трка, но тоа истовремено нè задолжува да вложиме сериозен труд и работа“.

Да потсетиме, за документарецот „Медена земја“, каде што е корежисерка со Љубомир Стефанов, Котевска доби две номинации за „Оскар“.

Инаку, „Силјан“ кој ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски филмски фестивал, во програмата „Out of competition“, ја освои наградата за најинспиративен филм или т. н. награда на музата (Cinema and Arts Award) на престижна меѓународна платформа што ги оценува филмовите што беа прикажани во официјалните програми на Венеција.

Македонската режисерка која минатата недела имаше прес-конференција во Скопје посочи дека не ја очекувале наградата бидејќи во програмата каде „Силјан“ беше прикажан во Венеција учествувале и реномирани автори како Вернер Херцог и Софија Копола.

„Бевме навистина пријатно изненадени за наградата за најинспиративен филм. Следуваше американската премиера на фестивалот во Торонто. Во тоа време ни јавија од Македонија дека едногласно сме изгласани за македонски кандидат за Оскар“, изјави режисерката.

„Силјан“ доби повеќе позитивни реакции и од светската филмска критика. Официјалниот критичар на Венецискиот фестивал вели дека приказната за „Силјан“ има ја истата извонредна и ненаметната универзалност како и „Медена земја“, но со многу подлабок уметнички израз. „Холивуд репортер“ го опиша филмот како „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици“. „Индивајр“ го нарече „Триумф. Болно прекрасен. Одличен документарец кој е и восхитувачко поетско дело…“

Документарецот ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам, и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило.

Како што изјави режисерката, филмот, всушност, започнал како истражување за миграцијата на штрковите, кое треба да послужи за нејзиниот игран филм „Човек против јато“. Откако бил снимен целиот документарен материјал, била најдена таа форма во која се вклучува бајката за Силјан Штркот.

„’Силјан’ ме убеди дека најдобро знам и најмногу сакам да раскажувам приказни од Македонија“, додаде Котевска.

Филмот е копродукција на американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а покрај Котевска, останати продуценти се Јорданчо Петковски, Ана Хашми и Жан Дакар, кој е и кинематографер. Монтажата е изработена од Мартин Иванов. Оригиналната музика за „Силјан“ ја потпишуваат Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк, композитори од студиото на Ханс Цимер.

ИЗДВОЕНИ