Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции го презентираше напредокот во рамки на Реформската агенда, вклучувајќи клучни закони и политики кои се во согласност со европските стандарди и кои придонесуваат за побрза интеграција на нашето општество кон Европската Унија.
Андоновски информира дека досега се донесени четири закони кои се во надлежност на Министерството за дигитална трансформација.
-Имам од една страна предизвикувачка задача, а од друга страна малку полесна од останатите колеги, затоа што станува збор за навистина комплексни закони и промени во однесувањето и на институциите и на јавната администрација, но и во приватниот сектор, но во исто време ова не се политички прашања. Многу често се прашања за севкупен напредок на македонското општество. Станува збор за измени на четири закони, односно донесување на два целосно нови закони и измени и дополнувања на два други закони. Првиот закон на кој сум особено горд е Законот за безбедноност на мрежи и информациски системи. Тој потекнува од нашата прва задача во реформската агенда. Тоа е воспоставување на сеопфатна рамка за сајбер безбедност.
Првиот елемент веќе го завршивме со успех и тоа беше дел од нашиот прв ангажман. Ја донесовме националната стратегија за сајбер безбедност целосно усогласен со нашите европски и евро-атлантски пријатели кон крајот на декември 2024 година. Ние сме единствената држава која што за жал сите овие години нема донесено ваков закон. И ова е првпат поставување на оваа законска рамка за сајбер безбедност. Овој закон е во владина процедура и е усогласен со НИС 2 Директивата и се уште е достапен како нацрт верзија на ЕНЕР.
Финалната фаза очекувам да биде подготвена до наредната недела и донесена на Влада, рече Андоновски на дебатата за Статусот на реализација на Реформската агенда на Република Северна Македонија (2024-2027), идни чекори и предизвици.