Началникот на Генералштабот на германската армија: Членките на НАТО мора да се подготват за можен руски напад

259

Членките на НАТО мора да се подготват за можен руски напад во следните четири години, изјави денес началникот на Генералштабот на германската армија, Карстен Бројер.

Бројер изјави за „Би-би-со“ и дека Русија произведува стотици тенкови годишно, од кои многу би можеле да се користат за напад врз балтичките членки на НАТО до 2029 година или порано.

Тој рече дека Северноатлантската алијанса мора да остане обединета во врска со војната во Украина, и покрај разликите во мислењата што неодамна ги изразија Унгарија и Словачка.

Неговите коментари доаѓаат пред самитот на НАТО во Хаг, каде што се очекува да се дискутира за значително зголемување на буџетот за одбрана.

Бројер рече дека НАТО се соочува со „многу сериозна закана“ од Русија, каква што не видел во своите 40 години служба.

Во моментов, рече тој, Русија „огромно“ ги гради своите сили, произведувајќи околу 1.500 борбени тенкови годишно.

„Не сите од овие тенкови ќе одат во Украина, туку и во залихи и нови воени единици кои се ориентирани кон Запад“, рече тој.

Според него, Русија само минатата година произведе четири милиони артилериски гранати од 152 милиметри, а не сите отидоа во Украина.

Сведоци сме на натрупување на залихи за можен иден напад врз балтичките членки на НАТО, додаде тој.

„Аналитичарите проценуваат дека тоа би можело да биде во 2029 година, што значи дека мора да бидеме подготвени дотогаш. Ако ме прашате сега дали тоа е гаранција дека нема да има напад пред 2029 година, би рекол не. Тоа значи дека мора да можеме да се бориме вечерва“, рече Бројер.

Тој истакна дека таканаречениот Сувалки коридор, област што граничи со Литванија, Полска, Русија и Белорусија, е една од најранливите.

ИЗДВОЕНИ