Објавувањето на имињата на кандидати за градоначалници, коалициското договарање за поддршка, но и партиското тактизирање со кандидатурите во одредени општини сè повеќе добиваат на интензитет. Најголемата опозициска партија, СДСМ, ги објави имињата на старо-новите кандидати за градоначалници во 19 општини. Дел од нив се актуелни градоначалници на: Центар – Горан Герасимовски, Чучер Сандево – Сашо Коменовиќ, Крива Паланка – Сашо Митовски, Крушево – Томе Христовски и Росоман – Стојанче Николов. Во другите, кандидатите се најчесто партиски активисти и функционери: Аеродром – Александар Трајановски, Ѓорче Петров – Костадин Ацески, Берово – Илија Рунтевски, Лозово – Ацо Велковски, Чешиново – Облешево – Горанчо Крстев, Богданци – Блаже Шапов, Дојран – Ристо Џинев, Могила – Зоран Ристевски, Неготино – Петар Мантев, Новаци – Љубе Кузманоски, Вевчани – Стефан Радиновски, Ресен – Александар Бузлевски, Штип – Павел Иванов и Гази Баба – Влатко Митовски. Паралелно со ова, од СДСМ брифираат дека со одлука на Извршниот одбор, СДСМ нема да има кандидати за градоначалници во бастионите на ДУИ како што се Сарај, Чаир, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Желино, туку само листи за советници. Во јавноста ова се толкува како почеток на изборна соработка со ДУИ, со оглед дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека ќе ги поддржи кандидатите на „Вреди“ во одредени општини. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во постизборниот период лани, неколку пати ја критикуваше ДУИ, изјавувајќи дека е симбол на „корупција и на поделби“, но потоа почна да дава изјави за можна соработка со одредени партии „зависно од општините“. Со некандидирањето на свои претставници, Филипче сега практично го отвора патот за соработка со Али Ахмети, Арбен Таравари и со Зијадин Села, кои постигнаа договор за изборен настап. Неизвесноста во редовите на СДСМ сега се врзува и за нивниот кандидат за Струмица, каде што актуелниот градоначалник Костадин Костадинов очекува да биде потврден.
– На сите анкети водам со 3:1 и очекувам, по завршувањето на процедурите, партијата да донесе одлука. Ја подготвувам програмата и ќе ја претставам пред раководството и лидерот Филипче – изјави Костадинов викендов.
Од друга страна, станува сè поизвесно дека ќе дојде до изборен дуел на кандидатот на СДСМ за скопската општина Центар со кандидатот на ЗНАМ. Иако досега не објавиле ниту еден кандидат, во редовите на движењето ЗНАМ е извесно дека претседателот на партијата, Максим Димитриевски, повторно ќе се кандидира за прв човек на Куманово.
– Во тек се разговори со ВМРО-ДПМНЕ и очекуваме тие да завршат кон крајот на месецов. Разговараме за повеќе општини, вклучително, дефинирано е за Куманово, неколку општини во Скопје и повеќе општини што се помали низ целата држава. Таму каде што ќе имаме кандидат за градоначалник, тој ќе биде во договор со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, поддржан од нивна страна и тие нема да имаат кандидат во тие општини – изјави Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ досега излезе со над 30 имиња за кандидати за градоначалници – меѓу поголемите општини, веќе се познати Битола, Штип, Охрид, Аеродром, Кавадарци. Сепак, за Скопје сè уште нема официјално номинирано име, иако е сè поизвесно дека ќе се води трка меѓу Златко Перински, Орце Ѓоргиевски и Коце Трајановски, кој, исто така, добро котира на внатрепартиските листи.
Коалицијата „Вреди“, пак, викендов го промовира Централниот изборен штаб на скопскиот плоштад „Скендербег“. Вицепремиерот Изет Меџити изрази убедување, изјави дека „Вреди“ постигнала повеќе за една година отколку ДУИ за 22 години.
– Нека ни ја покажат својата најдобра година за вработување, не може да го победи она што го правиме сега. Затвораме казина, создаваме работни места и ја регулираме правдата – рече тој.
Во „Европскиот фронт“, кој се очекува да стане национален фронт откако се сè погласни информациите дека деновиве, со потпис и на Таравари, ќе го прошири опозицискиот блок, веќе се лицитира со одредени имиња, така што како можен кандидат за Чаир се споменува дури и Бујар Османи, за Сарај – Блерант Рамадани, кој доаѓа од крилото на Таравари, а, пак, за во Тетово се споменуваат имињата на Бајрам Реџепи и на Фатон Ахмети од ДУИ. (Б.Ѓ.)
СДСМ со трибина „Македонија понижена“, за премиерот тоа е „Стокхолмски синдром“
СДСМ, инаку, денеска одржа трибина насловена „Македонија понижена!“ – една година влада на ВМРО-ДПМНЕ, на која беа предвидени пет панели од различни области.
– Денес, по една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и на „Вреди“, вистината е болна, но мора јасно да се каже: Македонија не е горда – Македонија е понижена. Понижени се работниците, земјоделците, младите, кои се надеваат на својата иднина дома. ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со една голема лага – рече лидерот Венко Филипче.
Врзано со оваа трибина, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера оцени дека се работи за т.н. стокхолмски синдром.
– Мислам дека, конечно, Фројд во полно светло работи во опозицискиот СДСМ и дека таму, претпоставувам, има неколкумина што имаат силно развиено чувство на стокхолмски синдром, кога жртвата се вљубува во ловецот. Па така, и СДСМ, партијата што ја понижи, клекна, опустоши и разграби Македонија, денеска зборува за „Македонија понижена“. Напротив, Македонија полека, но сигурно денеска станува горда. Ние една година ги затвораме дупките што ги оставија СДСМ и ДУИ, кои го понижија и испокрадоа народот. Исплаќаме плати, пензии, субвенции, во што во голема мера успеваме. Ќе треба уште, но се враќа чувството на гордост кај граѓаните – изјави Мицкоски во текот на посетата на Гевгелија.