Набавките во пораст, прегледите во слободен пад

Здравството троши сè повеќе, а нуди сè помалку!

133

Трошоците за јавни набавки во здравството во последните 10 години се зголемиле за два и пол пати, наспроти бројот на специјалистички прегледи кој има пад од 19%, е заклучокот од истражувањето насловено како „Јавното здравство троши сè повеќе, а дава сè помалку“, кое го споведе Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Ако пред десет години за набавки во здравството биле потрошени 126 милиони евра, минатата година се зголемиле на повеќе од 315 милиони евра, а инфлацијата како причина „не држи“, велат истражувачите.

На системот за електорнски набавки речиси секојдневно се објавуваат милионски тендер за потребите на болниците, поликлиниките, клиниките…а услугата која што ја добиваат граѓаните не само што е незадоволителна, туку во некои случаи, е и со последици по животот на пациентите. Само случајот „Онкологија“ покажа злоупотреби во набавките на скапи лекови и третманот на пациентите болни од рак.

Најголем раст на вредноста на јавните набавки е воочен кај клиниките и болниците. Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност – тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува. Во периодот 2015 – 2024 година, бројот на прегледи во вкупно 55 клиники и болници е намален за 14 %, а на болнички денови за 24 %. Во последните три години е евидентиран пад на специјалистичките прегледи за околу 700.000, односно за 19 %. Намалувањето на бројот на здравствените услуги во гинекологијата и акушерството, како и во трансфузионата медицина, надминува 60 %, се вели во истражувањето на ЦГК кое покажува слободен пад прегледите особено во терцијалното здравство.

И тогаш се поставува прашањето, чуму толку пари за здравје се излеваат од државниот буџет ако грижата за пациентите паѓа? Од Центарот се сомневаат дека јавните набавки се користат како канал за финансиско извлекување средства, наместо како инструмент за унапредување на здравствената заштита.

Големите разлики во вредноста на тендерите наспроти дадените услуги упатуваат на висок ризик од злоупотреби, односно на тоа лековите и реагенсите да не се искористени за пациентите во јавните здравствени установи, укажуваат истражувачите.

За инсулини и медицински помагала се потрошиле 39 милиони евра, за реагенси 29 милиони, а за лекови за ретки болести 19 милиони на годишно ниво.

Вишиот Управен суд оваа година со пресуда го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата со кое се утврди дека две големи веледрогерии склучиле забранет договор – картел при учество во постапка за јавна набавка на инсулин и требаше да платата казна од 1,7 милиони евра поради незаконско здружување на тендер.

Истражувањето на ЦГК заклучува дека зад „крупните“ набавки стојат се помал број на понудувачи на тендерите. Речиси половина од вредноста на договорите се склучувале во тендерски постапки во кои имало само по еден понудувач.

Тендерите за набавка на реагенси и тестови во најголем дел се само формалност бидејќи се спроведуваат за веќе одбран апарат, што значи дека, уште пред да почне постапката, јасно е кој ќе го добие тендерот. Апаратите се претходно добиени како донација, земени на користење од фирми кои продаваат реагенси или, пак, купени. Набавките на реагенси и тестови на годишно ниво достигнуваат и до 29 милиони евра и се зголемиле за 81 отсто во периодот на анализа“, се наведува во истражувањето.

Во изминатата деценија бројот на пациенти на инсулин се зголемил за 21%, ама и вредноста на набавките за 77%. Пораснале и трошоците за лекови за ретки болести од 1,5 милион на 19 милиони евра, и за нив нема целосни податоци -дали го подобриле здравјето на пациентите. (П.А.)

Алиу :Обезбедени се вкупно 58 лека за околу 430 пациенти

Министерот за здравство, Азир Алиу, на заедничка прес конференција со Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“ рече дека во рамките на Програмата за ретки болести за 2025 година се обезбедени вкупно 58 лека за околу 430 пациенти, меѓу кои и три нови терапии за јувенилен ревматоиден артритис, Фридрајх атаксија и Дравет синдром.

-Во Регистарот на ретки болести денес се евидентирани повеќе од илјада пациенти, а Министерството останува целосно посветено на унапредување на системот за нивна дијагностика, третман и рехабилитација, истакна на прес-конференцијата министерот Алиу и нагласи дека до Владата веќе е доставена националната стратегија за ретки болести, која очекуваме да биде усвоена до крајот на годината.

 

ИЗДВОЕНИ