Без професионални возачи не може да се замисли снабдувањето со храна, лекарства, гориво, односно извозот и увозот на стоки, па дури ни нормалното функционирање на јавниот превоз. Само во Европската Унија недостасуваат половина милион професионални возачи, истото се случува и во Русија, но и на Балканот, како впрочем и во Македонија, која квантитативно го зголеми бројот на супермодерни камиони, но сега нема кој да ги вози. Од најголемата транспортна асоцијација во земјава „Макам-транс“ велат дека кубурат со возачи. Недостасуваат дури третина од потребниот број

 

Професијата возач претставува една од најкритичните улоги во економскиот и безбедносниот сообраќаен систем на секоја држава. Без професионални возачи не може да се замисли снабдувањето со храна, лекарства, гориво, односно извозот и увозот на стоки, па дури ни нормалното функционирање на јавниот превоз.

Само во Европската Унија недостасуваат половина милион професионални возачи, истото се случува и во Русија, но и на Балканот, како впрочем и во Македонија која квантитативно го зголеми бројот на супермодерни камиони, но сега нема кој да ги вози. Од најголемата транспортна асоцијација во земјава „Макам-транс“ велат дека кубурат со возачи. Недостасуваат дури третина од потребниот број.

Одливот на кадар се појавува наназад со години поради заминување во пензија на голем број возачи, како и поради заминување на помладите да работат во побогатите држави или онаму каде се подобро платени и има подобри услови за вршење на дејноста.

– Недостатокот на професионални возачи во Европа е присутен во континуитет од 2015 година па сè до денес, поради одење во пензија на голем број возачи, што придонесе за кумулативни движења на возачите од посиромашните и понеразвиените држави во поразвиените држави кои водеа соодветна политика за привлекување на возачи од цела Европа, а особено од балканските држави во кои спаѓа и нашата држава. Во нашата држава фалат приближно 30% од потребниот број возачи согласно со капацитетот на возниот парк за комерцијални цели, што значи дека имаме нефункционални возила кои и кога стојат создаваат трошоци кои го оптоваруваат работењето на превозниците – вели Билјана Муратовска од Асоцијацијата „Макам-транс“.

Најчесто во странство заминуваат возачи во средни години, но и млади кои својот напредок го гледаат во држави каде не постојат бариери за нормално вршење на превозот на стока и патници.

– Нашата држава има територијални ограничувања за пристап на транспортниот пазар на Европа, а особено на територии на држави членки на ЕУ со воспоставениот режим на меѓународни транспортни дозволи кои по број се ограничени. Имаме бариери со голем број граници на Балканот и за влез во ЕУ, што доведува до подолго задржување на одреден простор и намалена функционалност при вршење на превозот. Како дополнителна нестандардна мерка за задржување на возилата, особено државите членки на ЕУ, често спроведуваат контроли на возилата по патиштата и изрекуваат голем број прекршоци кои во одредени случаи не се ни направени. Најново, во последните 6 месеци е строга контролата за престој на возачите во Шенген-зоната. Професионалните возачи вршат дејност и не престојуваат во ниту една држава од Шенген-зоната подолго од два до три дена, но сепак строгите правила на бирократијата на ЕУ велат дека тие треба да се изедначат со туристите или со друг вид посетители и им се пресметува престој од 90 дена во 180 дена, собирајќи ден по ден. Сето ова погоре наведено, но и други мерки, се дел од стратегијата на државите членки на ЕУ за привлекување на возачи кои незадоволни од состојбата по патиштата решаваат да заминат и да работат во некоја држава од ЕУ – објаснува Муратовска.

Друг фактор што ги брка возачите се и неконкурентните плати. Муратовска вели дека тоа е затоа што кај нас има големи периоди на чекање на граничните линии и губење на ефективно работно време за побрз обрт при вршење одредени превози.

– Даночното олеснување што државата го дава како исплата на дневници на возачите е исто како и за администрацијата. За лицата што половина од својот век го поминуваат во кабина, што не користат привилегии за платен појадок со хотелска сметка или бесплатни ручеци или вечери од одредени настани, не е поволен елемент, затоа што зголемените дневници значат и плаќање на персонален данок за директен трошок на услугата превоз, што влијае и на цената на превозот по единица производ или патник. Во Србија, од оваа година, согласно со законот за личен доход се овозможува на сите вработени во приватниот сектор да им исплаќаат дневница во висина од 90 евра на ден без дополнително оданочување, што ќе преставува мотив и за одлив на наши возачи и во оваа држава – нагласува Муратовска.

Таа посочува дека нелојалната конкуренција на Европскиот пазар и намалениот обем на стока за превоз поради економската и воената криза се предизвиците со кои се соочуваат транспортните компании.

– Ограничен пристап на транспортниот пазар, особено во држави од ЕУ од една страна, а од друга страна со измените на Законот за данок на додадена вредност од 2024 година, сите домашни превозници и организатори на превоз се ставени во понеповолна позиција со изедначување на даночната политика и воведената обврска да се плаќа и пресметува 18% ДДВ согласно со седиштето на корисникот на превозот. Значи, македонски превозници пресметуваат и плаќаат ДДВ и кога возат исклучиво на територии на странски држави, а за таа активност странските превозници се ослободени од оваа обврска – потенцира таа.

Освен застои на границите, нашите превозници се соочуваат и со изрекување казни кои не се по вина на превозниците, а најнов пример за тоа е Полска. – Имено, постои задолжително електронско пријавување на возилата кои превезуваат стока за Полска и од неа, или минуваат низ нивната територија, поврзано со ГПС-следење на возилата – со губење на сигналот на одредени делови од маршрутата на движење за пет, десет или дваесет минути следува сигурносна казна од 3.000 евра. Како да се докаже дека не си виновен, затоа што обврската  за сигналот на цела територија на Полска е на нивните интернет-провајдери кои добиле овластување од нивната држава, а не на превозникот кој уредно го пријавил својот превоз. Вакви начини на следење на возила се предвидува и во Романија кои заради дефекти во системот ја одложија примената за почеток на 2026 година – вели Муратовска.

 Русија очекува половина од сите транспортни средства во земјата да  останат без возачи

Русија очекува половина од сите транспортни средства во земјата да останат без возачи до 2050 година.

– Министерството за транспорт на Русија очекува дека половина од сите транспортни средства ќе бидат без возачи до 2050 година – изјави рускиот заменик-министер за транспорт Владимир Потешкин.

Тој истакна дека во моментов работат на наоѓање решение за тој проблем. Околу деведесет камиони без возачи моментно превезуваат товар по патиштата.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ