Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, искажа нови тврдења за масовно злоупотребување на примањата по основ на социјална помош во земјава. Откако во декември минатата година изјави дека има бројни примери на вакви злоупотреби и исплати на поединци и по 60.000 денари, тој повтори дека крадењето од државниот буџет и натаму се случува.
– Не може стихијно да се трошат парите и не може преку лажни фактури да се цица и да се молзе буџетот. Кога сме кај социјалната помош, има многу случаи каде што социјална помош, а веќе ги анализираме, се зема по неколку основи. Имаме социјални случаи кои примаат гарантирана минимална помош, но и друга помош до 60-65 илјади денари месечно, по неколку основи што ги добиваат. Тоа е крадење, тоа е незаконски – алармира Мицкоски во телевизиско интервју.
Тој најави дека ќе следува прочистување на списоците на корисниците на социјална помош.
–Да, ќе го прочистиме и ќе го филтрираме списокот на корисници на гарантирана минимална помош, затоа што се грижиме за државата и се грижиме за иднината на државата – нагласи премиерот Мицкоски.
Тој и во декември минатата година апелираше на проблемот и тогаш најави реформи во сферата на социјална заштита за да се отстранат постојните злоупотреби при исплатите тешки и по илјада евра по еден корисник месечно.
– Едната реформа ќе биде изготвување софтверско решение кое јасно ќе детектира кои корисници на социјална помош го злоупотребуваат системот, а втората е издавање платежна картичка со која 50 отсто од сумата приматели на социјална помош ќе ја користат за купување македонски производи – најави тогаш премиерот.
Актуелниот заменик-министер за социјална политика, Ѓоко Велковски, вчера беше недостапен за коментар а недостапни беа и контакт телефоните објавени на интернет страната во Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Но, и тој во октомври годинава изјави дека и натаму има злоупотреби во социјална сфера.
– Веќе има оформени предмети и очекуваме конкретни мерки од Јавното обвинителство. Ние, како систем, воведовме нова методологија – „сви системот“ што значи буквално затворање на сите бази за да нема ваква злоупотреба – изјави тогаш Велковски. Велковски и претходно, како технички министер за социјална политика, во периодот пред парламентарните избори, изјави дека имало масовно незаконско исплатување на социјална помош.
– Првичното вкрстување на базите со податоци на Министерството за труд и на Министерството за внатрешни работи покажа 2.252 незаконски исплати оти лицата што добиле помош или социјална пензија имале возила на свое име, иако условот е да немаат возила. Манипулацијата е системска, најверојатно се вклучени повеќе лица и токму поради тоа го правиме вонредниот инспекциски надзор. Физички ќе се оди во секој од 27 центри и нашите очекувања се дека постапката ќе трае најмалку два месеца – најави тогаш.
Проверките биле почнати во скопските центри, каде што вкрстувањето на базите покажа најмногу злоупотреби – 714, а потоа следувале Куманово со 235, Прилеп со 229, а во другите центри бројката на злоупотреби била под 100. Но, ова беше демантирано од неговата тогашна техничка заменичка, Јованка Тренчевска. Во тој период беше најавено и дека ќе се прави посебен софтвер за проверка на корисниците во соработката со Светската банка. (Б. Ѓ.)












