Во предлог-законот за задолжување доставен до Собранието се бара зелено светло за да се подигне заем од ЕБОР од 20,9 милиони евра за купување повеќе влечни локомотиви за товарниот сообраќај. Независен консултант ангажиран од ЕБОР препорачува да се купат најмногу до пет електрични локомотиви на високо техничко ниво.

– Вкупниот број на товарни вагони е 1.382, од кои со важечка ревизија се 510 вагони, а за ревизија достасуваат 870 вагони. Освен 150 нови вагони од сериите С и Е, структурата и видот на товарните вагони не одговараат во целост на потребите за превоз по видови на стока. Старосната структура е неповолна, експлоатацискиот век се движи помеѓу 37-42 години – се вели во образложението на предлог-законот за задолжување

 

„Железници на Република Северна Македонија – Транспорт АД – Скопје“ ќе побара заем од 20,9 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за подновување на возниот парк со нови локомотиви. Предлогот на законот за задолжување е доставен до Собранието за одобрување и анализата направена за оваа цел покажала дека за товарниот сообраќај се потребни повеќе локомотиви.

– Со зголемување на бројот на локомотиви за превоз на стоки, ќе има поголем транспорт и ќе има повисоки приходи за „Железници на Република Северна Македонија – Транспорт АД – Скопје“ – пишува во предлог-законот.

Имено, независен консултант ангажиран од ЕБОР препорачува да се купат најмногу до пет електрични локомотиви на високо техничко ниво. Поради тоа, се предвидува обука на возниот персонал и поддршка при пуштањето во употреба на возилата и при преземањето на почетниот период на одржување.

Заемот е побаран да биде на 15 години, со вклучен грејс-период од четири години со варијабилна каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР, зголемен за маргина од 1 процент. Заемот би се отплаќал на 22 полугодишни рати, со рокови на плаќање на 20 јануари и на 20 јули секоја година. Државата ќе ѝ плати на ЕБОР и еднократна провизија во висина од 1 %. За неповлечени пари, провизијата е 0,5 %.

– Состојбата на влечните капацитети е на границата на техничко-технолошката експлоатациска моќност. Причините за сегашната состојба на влечните капацитети се должат на старосната структура на капацитетите и на ненавремените инвестиции во средни и во големи поправки. Вкупниот број товарни вагони е 1.382, од кои со важечка ревизија се 510 вагони, а за ревизија достасуваат 870 вагони. Освен 150 нови вагони од сериите С и Е, структурата и видот на товарните вагони не одговараат во целост на потребите за превоз по видови на стока. Старосната структура е неповолна, експлоатацискиот век се движи помеѓу 37-42 години – се вели во образложението на предлог- законот за задолжување.

Оваа година претпријатието очекува приходи од 7,8 милиони евра од работењето на товарниот сообраќај, додека трошоците се планирани на 13,6 милиони евра, што значи дека очекуваната загуба ќе изнесува 5,7 милиони евра.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ