На неолитскиот локалитетот Врбјанска Чука годинашните истражувања кои се реализираат во август се насочени кон прецизно дефинирање на една од масивните неолитски градби детектирани при геофизичкото скенирање и преку ископувањето во северниот дел на археолошката сонда. Овој неолитски објект, како што велат од Центарот за истражување на предисторијата, импресионира со своите димензии, како и со архитектонските обележја и материјалната култура откриена во него. Станува збор за комплексна градба која има долготрајно користење, потврдено преку повеќето обновувања во рамки на нејзиниот габарит.
„Во неа се присутни неколку глинени структури (сандаци), извонредно сочуван компактен под, како и неколку садови насликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија. Интересно е што дел од овие садови имаат сликање досега единствено познато во Источна Македонија и дополнително ги потврдува комуникацијата и трговијата меѓу овие два региони во неолитот. Покрај садовите, во рамки на овој објект, но и во неговата околина се откриени и бројни остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа итн.“, велат од Центарот.
Истражувањата се во рамки на десеттата археолошка кампања на локалитетот Врбјанска Чука, а која е резултат на соработката меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Прилеп. Во ова мултидисциплинaрно истражување се вклучени и бројни европски институции, а целта е темелно разбирање на неолитската населба на локалитетот и неговото подоцнежно функционирање во антиката и средниот век.
„Паралелно со археолошките ископувања се вршат и археоботанички анализи со стручњаци од Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Белград, а во теренската работа учествуваат и студенти од Универзитетот во Базел, Универзитетите „Гоце Делчев“ и „Кирил и Методиј“. На овој начин се потврдува интересот на странските институции, но и на младите студенти, за континуирани мултидисциплинарни истражувања и едукации кои непрестајно се одвиваат во изминатите десетина години. Како резултат на оваа плодна децениска соработка, во септември ќе се реализира јубилејна изложба во Завод и музеј – Прилеп, на која ќе се претстават досегашните сознанија за локалитетот Врбјанска Чука“, додаваат од Центарот за истражување на предисторијата.
И годинава теренските истражувања на Врбјанска Чука традиционално се завршуваат со концерт. Џез-составот „Некст то сајленс“ првпат ќе изведе дел од својот репертоар во „анплагд“ издание. Настанот придонесува кон поголемо акцентирање на предисториското културно наследство, но и за афирмирање на локaлитетот како можна туристичка дестинација која ќе ги истакне културните потенцијали на Врбјанска Чука и Пелагонија. (Д.Т.)