На воена парада во Пекинг, Вучиќ и Фицо рамо до рамо со Шји, Путин и Ким ќе ја поддржат идејата дека Кина е водечка сила во светот

316

Парадата, што се одржува првпат по една деценија не е само потсетник на минатото. Таа многу зборува за силите што го преобликуваат светот денес, како и во иднина, пишува „Гардијан“. Пред парадата, Пекинг почна кампања за промовирање на „точниот поглед“ на историјата од Втората светска војна, нагласувајќи дека Кина и Советска Русија одиграле клучна улога во борбата против фашистичките сили и на азиските и на европските боишта

 

Кина утре првпат по 10 години со голема воена парада ќе ја одбележи 80-годишнината од капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна. Претседателот Шји Џинпинг ќе ја следи најголемата воена парада во историјата на земјата придружуван од повеќе од 20 светски лидери, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот Ким Џонг Ун. Путин е во Кина веќе неколку дена, а за Ким, кој пристигна денеска со својот специјален воз, ова ќе биде прв голем мултилатерален настап, но и прво учесто на севернокорејски лидер на кинеска воена парада по цели 66 години.

Според државната новинска агенција Синхуа, церемонијата ќе почне во 9 часот наутро по локално време. Кинескиот лидер Шји Џинпинг ќе биде опкружен со лидерите на некои од најтешко санкционираните земји во светот, како што се Русија, Северна Кореја, Иран и Мјанмар, како и со бројни други лидери од глобалниот југ. Повеќето западни лидери ја бојкотираат парадата, а од нив ќе присуствуваат само словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ, кои се познати како критичари на санкциите против Русија поради војната во Украина. Како што пишува РТ Балкан, заедно со Вучиќ, во Кина е и Александар Вулин, поранешен директор на Безбедносно-информативната агенција на Србија, министер за одбрана и полиција на Србија, а од пролетта претседател на Надзорниот одбор на Јавното претпријатие „Србијагас“. На воената парада ќе има и претставник од Обединетите нации.

Парадата не е само потсетник на минатото. Таа многу зборува за силите што го преобликуваат светот денес, како и во иднина, пишува „Гардијан“.

-Таа е  дел од „војната на сеќавањето“, во која Кина и Русија нудат алтернативна верзија на историјата наспроти западниот наратив, за кој веруваат дека ја потценува нивната улога во борбата против фашизмот, објави влијателниот вашингтонски тинк-тенк Брукингс Институт.

Пред парадата, Пекинг почна кампања за промовирање на „точниот поглед“ на историјата од Втората светска војна, нагласувајќи дека Кина и Советска Русија одиграле клучна улога во борбата против фашистичките сили и на азиските и на европските боишта.

На спектаклот во Пекинг ќе биде претставена најсовремена опрема како што се хиперсонични ракети, системи за противракетна заштита, беспилотни летала и друго оружје што кинеските коментатори го опишуваат како оружје дизајнирано да „ги спречи Соединетите Американски Држави да претставуваат сериозна закана за националната безбедност на Кина“. Оваа парада на која ќе маршираат десетици илјади војници се толкува и како порака не само за воената, туку и за дипломатската моќ на Кина во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ја намалува странската помош, се повлекува од меѓународните институции и води трговска војна против сојузниците и ривалите.

-Присуството на Владимир Путин, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и Ким Џонг Ун ја нагласува улогата на Кина како водечка авторитарна сила во светот, рече Нил Томас од Институтот за политика на Азиското општество. Тој додаде дека поголемиот број лидери од Централна, Западна и Југоисточна Азија во споредба со парадата во 2015 година го покажува напредокот на Пекинг во регионалната дипломатија.

Политичките аналитичари веруваат дека парадата е дизајнирана да го покаже влијанието на Шји Џинпинг врз земјите кои се стремат да го преобликуваат светскиот поредок што моментално го води Западот.

ИЗДВОЕНИ