На Виенскиот бал познатите на едно место: Калиопи, гламур и звуците на “Убавиот син Дунав“!

2313

Виенскиот бал во Скопје, како секогаш така и овој пат, имаше хумана димензија. Сите годинашни донации беа наменети за настраданите во пожарот во ноќниот клуб во Кочани

(Дуле МИЌИЌ – текст и фото)

Виена, австриската, но и светска метропола, минатиот викенд се „пресели“ од Дунав во македонската метропола, во Скопје на Вардар, каде што, по 24. пат, се одржа на далеку познатиот Виенски бал. Нашето Скопје, во таа тивка топла мајска ноќ во хотелот „Александар палас“, повторно го почувствува единствениот дух на градот од убавиот син Дунав. Вечерта ја обоија ексклузивните звуци на музиката на Штраус, со уметност во која се чувствуваше легендарниот музички дух на Виена. Виенскиот бал е под покровителство на Амбасадата на Република Австрија во Македонија, Градот Виена, Министерството за култура на Македонија, а во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“.

Виенскиот бал во Скопје, како секогаш така и овој пат, имаше хумана димензија. Сите донации беа наменети за настраданите во пожарот во ноќниот клуб во Кочани.

Во уметничката програма, настапија оркестарот „Јохан Штраус“, кој музицираше под диригентство на Бисера Чадловска, првенците на Балетот од Националната опера и балет, танчарите од танцовиот клуб „Прима данца“, „Свингерси бенд“.Како јаготка на балската торта беше ексклузивниот едночасовен настап на мегапопуларната Калиопи.  Таа, пред да почне да пее, секако во живо, им се обрати на присутните со топли зборови, на чист германски јазик, поздравувајќи ги сите, а со особена чест – австрискиот амбасадор и неговата сопруга. Меѓу гостите, најмногу присутни имаше од дипломатскиот кор, културниот живот, како и од деловниот свет.  – Добредојде им посака водителката на настанот, поранешната мис на Македонија, Вера Мештеровиќ. Таа и овој пат воодушеви со прекрасна вечерна тоалета, креација на нашата модна икона, Елена Лука, со што уште повеќе се почувствува виенскиот шмек.

На Виенскиот бал, традиционално, се почитува вековната традиција на задолжителен дрес код, и тоа за дамите свечена долга тоалета, а за господата – смокинг, темен костум, црн фрак или униформа. Така, и годинава видовме одлични модни комбинации, кои сосема се совпаѓаа со тоа што го бара балот. Кај мажите, посебен детаљ беа, секако, вратоврската, елекот и пеперушката.                                              Кај дамите, доминираа тоалетите со интензивни тонови или со впечатлив дезен, соодветно комбинирани со болеро, мала чанта и со високи потпетици. Сè на сè, се создаде една силна модна магија, но и музичка, со звуците на безвременскиот         „На убавиот син Дунав“.

 

ИЗДВОЕНИ