При ископувањата беа откриени повеќе кујнски и трпезни садови, но меѓу нив особено место зазема керамичкиот кратер, кој се користел за послужување вино
Археолошкиот локалитет Вардарски Рид кај Гевгелија, со својата досега позната историја и со местоположбата, неоспорно го привлекува вниманието на науката и на јавноста. Стратешката положба на локалитетот покрај познатиот Вардарски коридор била причината за појава на материјални остатоци на голем број популации со разновиден културен белег од неолитот, па сè до римскиот период.
Систематските ископувања на Вардарски Рид започнале во 1994 г., во организација на тогашниот Народен музеј од Гевгелија, а подоцна продолжиле во соработка со Музејот на Македонија од Скопје и траат сè до денес. За ископувањата и за истражувањата во текот на 2025 година, за весникот ВЕЧЕР разговаравме со Златко Кованцалиев, археолог – виш кустос во НУ Музеј Гевгелија.
Кој беше поттикот за археолошките ископувања оваа 2025 година, кои се дел од проектот „Гортинија по доаѓањето на Римјаните“?
Археолошките ископувања на Вардарски Рид, во рамките на проектот „Гортинија по доаѓањето на Римјаните“, кој започна во 2023 година, се одвиваат секоја година од април до јули. Поттикот за нив е да се открие како се променил животот на старите Гортинјани по 148 г. пр. н.е., кога станала Македонија римска провинција, како и да се открие во кој период и од кои причини престанал да егзистира градот. Раководител на проектот е м-р Златко Кованцалиев, археолог – виш кустос во Национална установа Музеј Гевгелија, заменик-раководител е м-р Милена Решкова од Националната установа „Стоби“, а стручен соработник е Бобан Хусеновски, археолог – кустос советник во пензија. Проектот е дел од годишната програма на Национална установа Музеј Гевгелија и е финансиран од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.
На кој дел од локалитетот се вршат ископувањата и што е она најинтересно откриено досега?
Во изминативе три години се вршеа ископувања на јужната тераса од локалитетот, каде што беше откриен објект за живеење од доцниот 2 век пр. н.е. Досега е почнато откривањето на седум простории, од кои една е веќе целосно истражена. Темелите на објектот се градени од камења врзани со кал, во висина до еден метар, а биле надѕидани со плитарни тули врз кои бил поставен покрив од дрвени греди и од масивни керамиди. Контекстот на откривање на наодите, како и одредени архитектонски елементи, укажуваат дека дел од објектот имал два ката. Подовите во шест од просториите биле од набиена земја и премачкани со глина, меѓутоа со годинашните истражувања, во една просторија беше откриен под од хидростатен (водоотпорен) малтер. Иако е откриен само дел од малтерниот под, односно околу 10 квадратни метри, судејќи според фината изработка со прецизно редени ситни керамиди во хидростатен малтер, како и пронајдениот сад за масло или парфем врз подот, засега се претпоставува дека просторијата била користена како тоалет. Сепак, ваквата претпоставка би се потврдила наредната година, за кога се планирани пообемни истражувања на овој простор.
Дали се откриени некои интересни предмети при ископувањата?
При ископувањата беа откриени повеќе кујнски и трпезни садови, но и две транспортни амфори за вино или масло, произведени во некој од познатите центри за производство на амфори на југ, како Родос, Тасос, Самос, Коринт и други. Од другите наоди, кои, секако, заслужуваат внимание, се еден целосно зачуван железен нож, фрагментирана теракотна фигурина со претстава на женско божество со висина од 55 см, како и монети на македонските градови Амфипол и Тесалоника, односно емисии поврзани со македонските кралеви Филип V и Персеј. За дел од наодите допрва ќе следуваат конзерваторски зафати, по што поточно ќе се утврди нивната провиниенција.
Со какви методи се служевте при документирањето на откриените содржини?
Од особена важност за овие истражувања е дека две години по ред, на Вардарски Рид се користат најсовремените методи на фотограметриско документирање и 3Д-моделирање на откриените содржини. Станува збор за напредна дигитална форма, која се извршува благодарение на проф. д-р Џорџ Беван од Универзитетот „Квинс“ во Канада, како и м-р Кристијан Тошески, докторанд на тој Универзитет, кои се дел од стручниот тим на проектот.
При крајот на годината, планирате и конзервација на керамиката откриена во 2023 и во 2024 година на овој локалитет, меѓу која е и еден значаен керамички кратер. За што станува збор?
Да, токму така. Во октомври и во ноември годинава ќе следува изработката на проект за конзервација на керамиката откриена во 2023 и во 2024 година. Овој проект е, исто така, дел од годишната програма на Националната установа Музеј Гевгелија, финансиран од Министерството за култура и туризам. Во проектот се опфатени повеќе фрагментирани керамички садови, но меѓу нив особено место зазема еден керамички кратер, кој се користел за послужување вино измешано со вода. Кратерот од Вардарски Рид е висок 50 см и според релјефната декорација, засега претставува уникатен примерок. Имено, на рамото од садот во медалјони се изведени релјефни декорации. На едниот медалјон, во полугола стоечка положба е претставен богот Дионис, на соседниот медалјон е неговиот придружник Силен, додека претставите на другите два медалјони засега се неидентификувани. Очекувано е по конзервацијата да ги идентификуваме и другите две претстави, како и да дознаеме повеќе за урнекот и за потеклото на кратерот.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ