Владата, на предлог на МЕРМС, ќе усвои 20-годишна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални објекти, кои ќе се трансформираат во енергетски ефикасни згради со речиси нулта потрошувачка. Оваа стратегија предвидува интеграција на соларни системи и други ОИЕ. Годишната цел за заштеда на енергија во јавните згради се зголемува од 1% на 3%, со задолжителна реконструкција на најмалку 3% од вкупната површина на јавните објекти секоја година
Во период од 20 години сите станбени, јавни и комерцијални објекти ќе мораат да се трансформираат во енергетски ефикасни објекти со речиси нулта потрошувачка на енергија, а на јавните згради како што се училиштата, градинките и други јавни институции ќе се вградуваат сончеви колектори за топла вода. Ова е предвидено со измените и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност, кој се планира да се донесе до крајот на годинава.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) информираа дека со овие законски корекции се прави суштински исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, намалување на емисиите на стакленички гасови и интеграција на обновливите извори на енергија (ОИЕ). – Владата, на предлог на МЕРМС, ќе усвои 20-годишна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални објекти, кои ќе се трансформираат во енергетски ефикасни згради со речиси нулта потрошувачка.
Оваа стратегија предвидува интеграција на соларни системи и други ОИЕ. Годишната цел за заштеда на енергија во јавните згради се зголемува од 1% на 3%, со задолжителна реконструкција на најмалку 3% од вкупната површина на јавните објекти секоја година. МЕРМС, во соработка со Службата за општи и заеднички работи при Владата, подготвува предлог-план за реконструкција на згради од јавниот сектор на државно ниво, кој на годишно ниво опфаќа реконструкција на најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на зградите објавени во списокот на зградите со вкупна корисна подна површина преку 250 квадратни метри кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики, кои се во сопственост и се користат од страна на лицата од јавниот сектор на државно ниво – велат од ресорното министерство.
Со предложеното законско решение се обезбедува усогласување со стандардите на ЕУ, се поттикнуваат економски придобивки и се овозможуваат законски придобивки за граѓаните, кои би довеле до пониски сметки за енергија, подобра заштита на животната средина и отворање на нови зелени работни места.
– Јавниот сектор, енергетските компании и потрошувачите ќе бидат обврзани да ги применуваат најдобрите трошковно-ефективни мерки за оптимизација на енергетските системи, вклучително и технологии базирани на ОИЕ. Енергетската трансформација ќе биде финансиски поддржана преку механизми за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии – нагласуваат од МЕРМС.
Исто така, за спроведување на годишна програма за мерките за поддршка за реконструкција на зградите за домување, јавните и комерцијалните згради, МЕРМС ќе објавува јавни повици за доделување на право на користење на мерки за поддршка на енергетската ефикасност и во постапка на јавна набавка ќе врши избор на правни лица за изведување на работи за реконструкција за поголема енергетска ефикасност.
– Јавните институции ќе бидат обврзани да набавуваат производи, возила и згради со највисоки енергетски и еколошки стандарди. Енергетските контролори повторно ја добиваат клучната улога во спроведувањето на политиките за енергетска ефикасност. Ќе се спроведуваат испити и обуки како основа за издавање сертификати за енергетски карактеристики на згради, кои како обврска се задолжителни пред издавање на употребни дозволи, но низ изминатите години по сила на закон беа само продолжувани по службена должност. Исто така, сите сертификати за енергетски карактеристики на згради ќе бидат задолжително запишани во Катастарот на недвижности – истакнуваат од министерството.
Општините со помалку од 15.000 жители ќе можат заеднички да развиваат програми за енергетска ефикасност. Само општини со усвоена програма ќе имаат пристап до Фондот за енергетска ефикасност. Исто така, се гарантира валидност на постојните уверенија за енергетски контролори, додека новите критериуми стапуваат во сила по една година.
– Со овие измени и дополнувања се создава правна, економска и социјална рамка која ги намалува трошоците за граѓаните, бизнисите и на јавниот сектор, го забрзува усвојувањето на обновливи извори на енергија, отвора нови работни места во зелените технологии и градежништвото, ја доближува земјата кон европските стандарди и климатска неутралност – нагласуваат од МЕРМС.
По веќе усвоениот Закон за енергетика, до крајот на годината, покрај законот за енергетска ефикасност, се очекува да бидат донесени и законот за користење на енергијатa од обновливи извори, законот за рударство и законот за геологија и законот за концесии на добра од општ интерес и законот за јавно-приватно партнерство.
(С.Бл.)