Истражување на Система, руската истражувачка единица на РСЕ, покажа дека има две речиси идентични копии на канцеларијата на Путин во Ново-Огарјово близу Москва – едната во Сочи, а другата во Валдеј, град покрај езеро на околу половина пат помеѓу Москва и Санкт Петербург, чија шумска локација рускиот претседател ја претпочита откако почна целосната инвазија на Украина. Шарите на вратоврската на Путин, положбата на спојките на ѕидот зад бирото, термостатскиот прекинувач поставен во средината на ѕидната плоча, обликот на држачот за телевизор, шарата на дрвениот сад за документи, нијансата на површината на масата… откриваат дека има две копии на московската канцеларија
Кремљ со години ја лаже јавноста за вистинската локација на претседателот Владимир Путин, користејќи три речиси идентични канцеларии во различни делови на Русија. Система, руската истражувачка единица на Радио слободна Европа/ РС, откри дека бројни состаноци, за кои се тврдеше дека се одржале во Ново-Огарјово во близина на Москва, всушност, биле снимени во Сочи или во Валдај.
Во телевизиски извештај од октомври 2020 година, Путин е прикажан како се приближува до вратата на неговата канцеларија во Ново-Огарјово, што е главната претседателска резиденција. Но, токму таа снимка ја разоткри измамата. Истражувачите утврдија дека положбата на рачката на вратата и неколку други елементи докажуваат дека видеото не е направено во канцеларијата во близина на Москва, туку повеќе од 1.500 километри јужно, во речиси идентична канцеларија во Сочи. Система откри дека освен таа има уште една речиси идентична копија на канцеларијата во Ново-Огарјово – во Валдеј, град покрај езеро на околу половина пат помеѓу Москва и Санкт Петербург, чија шумска локација Путин ја претпочита откако почна целосната инвазија на Украина. Система истражувала и дали е точно времето на состаноците што ги објавува администрацијата на Путин. Открила дека Кремљ објавил најмалку седум стари снимки од состаноците на претседателот од август, претставувајќи ги како нови, а Путин ја продолжил таа практика и оваа есен.
Откривањето на три речиси идентични канцеларии е направено преку детален преглед на околу 700 видеа и фотографии објавени од Кремљ, како и со анализа на протечени патни записи на луѓе од придружбата на Путин, како што се безбедносниот персонал и новинарите на државната телевизија кои го следат. Меѓу другите детали што откриваат несовпаѓања помеѓу локацијата објавена од Кремљ и вистинската локација на бројните состаноци за кои се тврди дека се одржале во Ново-Огарјово се: шарите на вратоврската на Путин, положбата на спојките на ѕидот зад бирото, термостатскиот прекинувач поставен во средината на ѕидната плоча, обликот на држачот за телевизор, шарата и текстурата на дрвениот сад за документи, нијансата на површината на масата. Несовпаѓањата се потврдени и со патни документи. Електронскиот билет, купен преку туристичка агенција поврзана со Кремљ, до кој дошле новинарите на Система, покажа дека на денот на емитувањето на интервју, 27 август, новинарот Сергеј Брилов летал од Сочи до Москва.
Протечените документи открија и дека познатиот новинар Павел Зарубин, кој го следи Путин, често патувал во Сочи и носел снимки што Кремљ ги претставил како направени во Ново-Огарјово. Во еден случај, член на претседателското обезбедување ја поминал ноќта во Сочи токму во времето кога е снимен материјал со Путин за кој се тврди дека е направен во близина на Москва.
Последниве години, а особено по почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, тој сè повеќе претпочита изолиран престој во Валдај. Од февруари 2023 година, тој практично се повлече од Бочаров Ручеј, а анализата на снимките и материјалите собрани од Система покажува дека речиси сите состаноци за кои Кремљ тврдеше дека се одржале во Ново-Огарјово во текот на 2025 година всушност биле снимени во Валдај, каде што во 2016 година бил изграден павилјон за состаноци на местото на поранешното тениско игралиште, а работата ја извршила истата компанија што ги реновирала другите резиденции на Путин. Помеѓу јануари и крајот на септември оваа година, 29 од неговите 30 настапи биле снимени и во објектот во Валдај, околу кој, според сателитските снимки на Максар се распоредени противвоздушни системи.
– Секако, станува збор за безбедност. Зголемените одбранбени мерки во елитното московско предградие Ново-Огарјово би привлекле премногу внимание, додека Бочаров Ручеј во Сочи е изложен поради неговата положба на рид. Валдај, напротив, е многу поскриен и полесен за обезбедување, објаснува социологот Константин Гаазе.












