На само две и пол недели од одењето на пратениците на колективен одмор и три недели до распишување на локалните избори не се знаат условите за кандидирање на независните кандидати, алармираа денеска повеќе граѓански организации. Тие предупредуваат дека доколку остане ваквата ситуација, во прашање ќе се доведат уставно загарантираните права на илјадници граѓани и тоа ќе биде преседан во историјата на државата.
– Ова претставува повреда на уставно загарантираното пасивно избирачко право и на правото да учествуваат во вршењето на јавни функции од член 23 од Уставот на Републиката, со што и на граѓаните што ги поддржуваат им се ограничува избирачкото право и правото на политичко дејствување од член 22 од Уставот. Неможноста за учество на независните кандидати во изборниот процес ги одзема демократските атрибути на слободни и фер избори и директно го загрозува и го слабее политичкиот плурализам, како темелна вредност на уставниот поредок – се наведува во обраќањето.
До ова доаѓа откако во македонскиот парламент не може да се постигне договор за нови законски услови за независните кандидати. Уставниот суд пред неколку месеци како недемократски укина два члена од Изборниот законик според кои независните кандидати беа присилени да собираат по 1 процент од вкупно запишаните гласачи во општините. По ова, најголемите партии во Собранието предложија ново решение според кое потребниот број потписи ќе се определува зависно од бројот на населението во некоја од општините. Па така, за општини со број на гласачи: до 10.000 – независните ќе треба да соберат најмалку 100 потписи, а за град Скопје – најмалку 3.500 потписи од граѓаните запишани во Единствен избирачки список. Но, и овој предлог не поминува во македонскиот Собрание поради неможноста да се задоволи Бадентеровото правило.
Граѓанските организации укажуваат дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа да се сретне со нив.
– Не сакаат да се сретнат со нас и заедно да се утврдат условите за кандидирање на независните кандидати, да се достави нов предлог кој ќе ја почитува Одлуката У.бр.186/202 на Уставниот суд и нема да го повлечат сегашниот заглавен предлог-закон за измени и дополнувања на Изборниот законик, кој е противуставен и не ја почитува одлуката на Уставниот суд. Истовремено, Владата не доставува мислење до Законодавно-правната комисија по барањето за автентично толкување на член 65 став (4) од Изборниот законик, поднесено во наше име од пратеничката Моника Зајкова на 25.06.2025. Нема ниту автентично толкување на сегашната состојба на Изборниот законик и нема донесено нови измени – се потенцира во соопштението.
Десетина граѓански организации доставуваат и неколку решенија за излез од настанатата ситуација.
– Доставивме барање до претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко, итно да бара од Владата да се произнесе по доставеното барање за автентично толкување на член 65 став (4) од Изборниот законик. Барање до Владата итно да достави мислење до Законодавно-правната комисија по доставеното барање за автентично толкување. Барање до Законодавно-правната комисија итно да оценат дали барањето за давање на автентично толкување е оправдано и ако е оправдано, да изготват предлог на автентично толкување и го достават до Собранието. Ако мислењето од Владата е неопходно за оценување на оправданоста, да побараат од Владата по најитна постапка да им се достави мислењето – се наведува во обраќањето.
Испратено е и барање до претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
– Од неа се бара да се обрати јавно до Собранието, Владата и до медиумите и да побара итно да се овозможи правна основа за учество на независните кандидати на претстојните избори. Бараме разрешување на овој преседан во најбрз можен рок и правна основа за учество на независните кандидати на локалните избори – нагласуваат овие граѓански организации.
Во јавноста постојат правни дилеми според кои недонесувањето на нови услови за независните кандидати ќе значи дека тие ќе можат да се кандидираат само со сопствена пријава, но и тоа дека тоа може да значи неможноста да учествуваат во изборната трка. (Б.Ѓ.)
Левица со партиски кандидат за градоначалник на Скопје, СДСМ тактизира
Партијата Левица на претстојните локални избори ќе настапи со сопствен кандидат за градоначалник на Скопје, потврди претседателот на партијата, Димитар Апасиев, во интервју за ТВ24. На минатите избори ова опозициска партија му даде поддршка на независниот кандидат Петар Георгиевски – Камиказа, познатиот музичар.
– Овој пат ќе имаме свој партиски кандидат за Скопје. Сметаме дека сме доволно политички профилирани и дека нашата кандидатура ќе биде препознаена како вистинска алтернатива на досегашните елити – изјави Апасиев.
Лидерот Апасиев најави и дека партијата ќе има советнички листи во преку 50 општини ширум земјата.
Најголемата опозициска партија, СДСМ, сè уште не го објавува името на официјалниот кандидат за скопски градоначалник. Претседателот на партијата, Венко Филипче, изјави дека финалната одлука ќе биде соопштена до крајот на месецот, а во игра се четворица кандидати – меѓу нив архитектот Мишко Ралев и поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова.
– Нашата цел е да понудиме човек што ќе обединува и што ќе внесе доверба и чесност во управувањето. Сакаме скопјани да видат дека нудиме кредибилитет, не само политички маркетинг – рече Филипче.