На странските туристи Јапонија им нуди бесплатни авионски билети до 64 дестинации

За да прошетаат и до местата подалеку од Токио

73

На странските туристи Јапонија им нуди бесплатни авионски билети до 64 дестинации во земјата. Главниот град, Токио, е секогаш полн со туристи, но идејата е странците да прошетаат и низ селата и низ другите градови. „Јапан ерлајнс“ (ЈАЛ) да им ги приближи овие простори на странските посетители со тоа што ќе им дава бесплатни авиобилети.

Во турата се вклучени и градовите надвор од Токио што туристите би можеле да ги прескокнат затоа што им се премногу скапи или патот до нив им е компликуван. Далечните дестинации како Сапоро на островот Хокаидо, на пример, или Наха на Окинава сега се полесно достапни, откако се ставени на радарот на посетителите, кои, можеби, никогаш порано не размислувале да патуваат таму, пренесе „Нова“.

За да ја искористат понудата, патниците мора да го резервираат својот меѓународен лет до Јапонија преку ЈАЛ и да изберат бесплатен домашен лет со таа резервација. Но, понудата не важи за сите туристи, туку само за оние од САД, Канада, Мексико, Тајланд, Сингапур, Австралија, Нов Зеланд, Виетнам, Индонезија, Индија, Кина, Тајван и од Филипините, објави „Сора њуз 24“.

На патниците им се препорачува од меѓународниот, директно да се префрлат до домашниот аеродром, со надоместок за застанување од 100 американски долари за пристигнување од САД, Канада и од Мексико и 300 јуани за пристигнување од Кина. Туристите од другите земји добиваат уште подобра понуда, бидејќи се ослободени од оваа такса, така што можат бесплатно да се упатат кон својата дестинација кога сакаат во текот на престојот.

Бесплатниот лет покрива една етапа од патувањето, што значи дека туристите може да пристигнат во Токио, да се качат на авион до Осака, а потоа на воз за да ги истражат областа и околните знаменитости како Кјото, пред да се вратат во Токио и да го фатат летот за дома. Ова на крајот би им заштедило околу 13.870 јени (94,62 американски долари), што е приближно на цената за патување во еден правец, со брз воз од Токио до Осака.

ИЗДВОЕНИ