– Без разлика дали станува збор за домашни или за странски туристи, треба да се обезбедени основните предуслови за привлекување посетители и за културен туризам: добра патна сигнализација, чист и уреден локалитет, конзервирани и соодветно презентирани градби, добро обележани патеки и информативни табли, соодветен паркинг, тоалети, место за одмор и освежителни пијалаци, љубезен персонал и најважно – интересни и атрактивни содржини. Стоби поседува добра основа, но, сепак, се потребни поголеми вложувања за подобрување на неговата заштита и на неговата презентација, особено на инфраструктурата, за што се надеваме дека моделот на јавно-приватно партнерство ќе отвори добри можности – вели Силвана Блажевска, директорката на НУ „Стоби“
Според статистиката на НУ „Стоби“, во 2025 година бројот на странски туристи бил повеќекратно поголем од домашните. Вкупниот број посетители на Стоби во текот на минатата година изнесувал 18.667, од кои 11.994 биле странци и само 1.703 домашни посетители. Овој наш најголем археолошки локалитет, сепак, бил посетен од младите, па така, 4.970 деца го посетиле и се запознале со неговото културно наследство преку училишни екскурзии или преку прошетка со родителите.
Сепак, се поставува прашањето која е причината за толку малиот интерес на домашните посетители, кои наместо да ја запознаат својата држава и да дознаат нешто повеќе за нејзината историја преку посета на локалитетот, го одминуваат без да застанат. Токму овој тренд ги загрижи надлежните во оваа национална установа, кои решија да го афирмираат Стоби преку апелите за негова посета.
Причини за помалата посетеност од македонските граѓани
– И во изминатите петнаесет години бројот на странски туристи бил поголем од домашните, но разликата не била голема. Изненадени сме од статистиката од минатата година и се обидуваме да ги сумираме впечатоците и причините. Можеби, дел од причината е зголемувањето на цената на билетите, но направивме мало истражување на цените на билетите на локалитетите и музеите во околните држави, кои се движат од 2,5 до 10 евра и повеќе, па така нашиот билет за возрасни лица од 300 денари, односно 4,87 евра е нa средина. За посета на Пела и на археолошкиот музеј, треба да одвоите 18 евра, за Бутринт во Албанија 10 евра, а само за театарот во Пловдив – 2,5 евра. Треба да имаме предвид и дека едно кафе во центарот на Скопје или на Охрид чини од 100 до 150 денари. Нудиме попусти за групи над 10 лица, како и за посета во зимскиот период меѓу ноември и април. Исто така, секоја прва недела во месецот и за меѓународните празници влезот е бесплатен, додека билетите за деца и за пензионери чинат симболични 60 денари – вели Силвана Блажевска, директорката на НУ „Стоби“.
Таа додава дека, можеби, дел од причините се и брзото темпо на живеење, секојдневните предизвици со кои се соочуваме, но и фактот што за да се посети Стоби, треба да се има автомобил и да се вози најмалку еден час, освен ако не сте жител на околните градови.
– Во јавниот превоз не постојат редовни линии до Стоби. Многу често слушаме од нашите соработници, најчесто од други професии, кои доаѓаат во канцелариите на установата поради работни обврски, дека не може да се сетат кога последен пат го посетиле локалитетот, а некои никогаш. Од друга страна, бележиме драстично зголемен број на прегледи на нашите објави на социјалните медиуми, што е одлично, но, сепак, сметам дека доживувањето при прошетка по градбите и мозаиците на локалитетот со нашите водичи или со помош на мобилната апликација е сосема поинакво искуство. Приходите од продажбата на влезници, комерцијални копии и сувенири се, исто така, прилично зголемени. Секој посетител на Стоби треба да има предвид дека со секој купен билет или сувенир придонесува за одржливоста на локалитетот, бидејќи приходите во целост се користат за негови заштита, одржување и промоција – додава Блажевска.
Најмногу туристи од Италија, Шпанија, Турција и од САД
Според директорката, сезоната на интензивна посета на Стоби вообичаено започнува во април и трае до крајот на октомври, кога се поповолни временските услови и кога се отворени мозаиците, но се забележува помал број туристи во најжешките месеци, јули и август.
– Во зимските месеци, посетата е многу намалена, иако има организирани групни посети, најчесто од странски туристи. Преку организирани посети со туристичките агенции, најчесто доаѓаат туристи од САД, од европските земји, од Турција и од балканските држави. Во изминативе 15 дена од новава година, локалитетот го посетиле 146 посетители, од кои 62 домашни и 84 странци од Италија, Шпанија, Турција и од САД. Ако судиме по почетокот, има надеж. Статистичките податоци покажаа дека децата се најбројни домашни посетители, веројатно благодарение на организираните училишни екскурзии. Без разлика дали станува збор за домашни или за странски туристи, треба да се обезбедени основните предуслови за привлекување посетители и за културен туризам: добра патна сигнализација, чист и уреден локалитет, конзервирани и соодветно презентирани градби, добро обележани патеки и информативни табли, соодветен паркинг, тоалети, место за одмор и освежителни пијалаци, љубезен персонал и најважно – интересни и атрактивни содржини. Стоби поседува добра основа, но, сепак, се потребни поголеми вложувања во подобрувањето на заштитата и на презентацијата на локалитетот и особено на инфраструктурата, за што се надеваме дека моделот на јавно-приватно партнерство ќе отвори добри можности – истакнува Блажевска.
Реконструкција и адаптација на Старата железничка станица
Таа се надева дека оваа година ќе се завршат активностите за реконструкција и адаптација на Старата железничка станица во Центар, за посетителите, каде што ќе бидат понудени нови содржини, кои би привлекле повеќе посетители.
– Планирани се мала музејска поставка, лапидарум со скулптури и камени споменици и презентации со интерактивни алатки и со АИ- технологија. Реконструкцијата на седиштата во театарот и неговата рехабилитација за културни настани се одвиваат бавно поради големите финансиски средства неопходни за оваа намена. Но, сметам дека државата и сите ние, професионалци и граѓани, треба да се ангажираме за подигнување на свеста на нашето население за значењето на културното наследство што го имаме дома, за што ни е потребна долгорочна и добро обмислена кампања на многу нивоа.
Инаку, во однос на реализираните проекти минатата година, во однос на предвидената програма, Блажевска посочи дека се задоволни од реализацијата на програмата, бидејќи целосно се реализирани, како што вели, сите предвидени проекти финансирани преку Министерството за култура и туризам, со вкупен буџет од девет милиони денари.
– Годинава се работеше на истражувања и конзервација на градбата со арки и на театарот, на конзервација на дел од објектите од резиденцијалниот и комерцијален кварт и на јужниот бедем и се постави систем за климатизација и вентилација на Старата железничка станица. Тековно се работеше на конзервација на движното културно наследство и на реорганизација на едно од депоата. Беа реализирани пет меѓународни проекти: археолошки истражувања, конзервација на архитектура, мозаик и керамика, фотограметриска документација и презентација на културното наследство, како и учества на осум научни конференции од областа на археологијата и конзервацијата – вели Блажевска. (Д. Т.)












