Македонската метропола Скопје синоќа и денеска попладне се најде меѓу 20 градови во светот според загаденоста на воздухот. Интерактивната мапа на IQAir синоќа регистрира екстремно високи концентрации на штетни честички на повеќе локации во градот и околината. Податоците покажуваа дека воздухот во неколку клучни реони беше во опасната зона, што сериозно го загрозува здравјето на граѓаните. Според синоќешните мерења, во Ново Лисиче беше најкритично со индекс на квалитет на воздухот (AQI) 166, што се категоризира како „нездраво“. Висока загаденост беше забележана и во Центар (околу Рамстор и Плоштад) – AQI 153, како и во Железара – AQI 152 и Козле/Карпош – AQI 135. Со тоа, Скопје беше на 20-то место според загаденоста на воздухот.
Прекумерна загаденост беше забележана и денеска во раните попладневни часови кога Скопје се најде на 15. место на глобалната листа на најзагадени градови. Главниот град во тој период имаше индекс на квалитет на воздухот (AQI) од 97, што го вбројува во категоријата „нездрав за чувствителни групи“.
Според мерењето направено денеска во 15 часот македонската метропола, пак, на 18-то место во светот според загаденоста на воздухот. Во тој период индекс на квалитетот на воздухот беше 99, а што повлекува предупредување дека воздухот е „нездрав за чуствителни групи на население“. Во тој период најзагаден град во светот е Њу Делхи, Индија, со измерениот индекс 215.
Овие вредности ги надминуваат препораките на СЗО и укажуваат на висока концентрација на ситни штетни честички како PM₁₀ и PM₂.₅, кои најлесно навлегуваат во белите дробови и крвотокот.











