Француската олимпијка Исаора Тибус е ослободена од обвиненијата за допинг откако Арбитражниот суд за спорт (ЦАС) прифати дека таа се контаминирала бакнувајќи се со својот партнер. ЦАС објави дека ја отфрлил жалбата на Светската антидопинг агенција (ВАДА) со која се оспоруваше несуспендирањето на француската натпреварувачка во мечување, која беше позитивна на анаболен агенс шест месеци пред Олимписките игри во Париз.
Таа беше позитивна на остарин, забранета супстанција за оформување на мускулите, во јануари 2024 година. Се бранеше тврдејќи дека станува збор за случајна контаминација со „телесна течност“, докажувајќи дека на денот на тестот, во текот на Светското првенство во Париз, на 14 јануари 2024 година, постојано го бакнувала својот партнер и тренер, Американецот Рејс Имбоден, кој зел додаток во исхраната што содржи остарин, синтетичка супстанција што ги имитира ефектите на тестостеронот.
Оваа теорија го убеди дисциплинскиот суд за борба против допингот на Меѓународната федерација за мечување, кој ја укина нејзината привремена суспензија во мај 2024 година, дозволувајќи ѝ да учествува на Олимписките игри во Париз. Сепак, ВАДА повторно го отвори случајот обжалувајќи ја оваа одлука и барајќи четиригодишна суспензија.
На ЦАС му беше потребна речиси една година за, конечно, да пресуди во корист на француската олимпијка. Судот за спортска арбитража заклучи дека немало намерна нечесна игра, утврдувајќи дека е научно веројатно дека повеќекратното бакнување со партнер што во тој момент зел остарин доведува до случајна контаминација.
Исаора Тибус го освои сребрениот медал во екипна конкуренција на Олимписките игри во Токио, додека на светските првенства освои вкупно 10 медали, вклучувајќи и поединечно злато во Каиро 2022 година.