Во периодот 2021–2023 година, околу 12 милиони евра легнале на наменската сметка на Град Скопје за реализација на втората фаза од клучката кај Момин Поток и за три нови булевари, а проектите не се почнати. Ова се четири од вкупно 76 инвестициски регионални проекти, во вкупна вредност од 33,2 милиони евра, што се опфатени со ревизијата. Дополнително, беа опфатени и проекти за регионално управување со отпадот во сите осум плански региони, финансирани со заеми, грантови и со буџетски средства, во вкупен износ од 144 милиони евра.

– Особено загрижува што 72 % од капиталните дотации во 2023 година биле доделени директно на 41 општина за 67 проекти, без јавен повик и транспарентна постапка за избор, а дел од овие проекти се соочуваат со административни пречки и со техничка недовршеност – посочуваат ревизорите

 

Во периодот 2021–2023 година, на Град Скопје, преку Министерството за транспорт, му биле доделени 720 милиони денари (11,7 милиони евра) за инфраструктурни проекти, но средствата сè уште се на наменски сметки, а не се почнати, откриле државните ревизори „чешлајќи ги“ реализацијата и успешноста на регионалните проекти.

Така, за проектот „Изградба на клучка на вкрстување помеѓу булеварите ‘Никола Карев’ и ‘Словенија’ – втора фаза“, позната како клучка Момин Поток, во 2021 година се доделени средства во износ од 120 милиони денари, а договорот за јавна набавка е склучен по две години и четири месеци. Клучката почна да се гради во јули 2021 година и требаше да биде готова за две и пол години, односно да биде ставена во функција на почетокот од 2024 година.

Но, завршувањето доцни повеќе од година и пол и, како што велат од  Град Скопје, станува збор за сложена изведба. Оттаму образложуваат дека изградбата на оваа клучка се одложува, бидејќи се одвива во отежнати околности поради големата фреквенција на сообраќај, дека дополнителен проблем претставуваат нерешените имотноправни односи за кои се водат судски постапки и дека дел од нив се во фаза на легализација во Општина Карпош, од пред 2021 година.

Исто така, на Град Скопје во овој период му се доделени и средства во вкупен износ од 600 милиони денари за три други проекти за изградба на булевари: „Јужен коридор“, АСНОМ и „Хасан Приштина“, но не се склучени договори за јавна набавка за реализација на проектите. Овие проекти беа најавени од поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов.  

Ревизорите посочиле дека е слична состојбата и со проектите во Општина Струмица што се финансирани преку Министерството за транспорт, за изградба на социјална населба (прва и втора фаза). Општината добила три милиони евра, а ја реализирала само првата фаза, додека средствата за втората фаза се префрлени од наменска на сметка на основниот буџет на Општината.

На Општина Чучер Сандево ѝ се доделени вкупно 84.895 денари (1,3 милиони евра) од буџетот, за изградба на пречистителна станица во населеното место Кучевишка Бара, но реализацијата на проектот сè уште не е започната.

Предмет на ревизија беа 76 инвестициски проекти финансирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, Програмата за намалување на регионалните диспаритети, како и преку Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина и просторно планирање, во вкупна вредност од 33,2 милиони евра. Дополнително, беа опфатени и проекти за регионално управување со отпадот во сите осум плански региони, финансирани со заеми, грантови и со буџетски средства, во вкупен износ од 144 милиони евра.

– Особено загрижува што 72 % од капиталните дотации во 2023 година биле доделени директно на 41 општина за 67 проекти, без јавен повик и транспарентна постапка за избор, а дел од овие проекти се соочуваат со административни пречки и техничка недовршеност – посочуваат ревизорите.

За проектите што се реализираат преку Програмата за рамномерен регионален развој, утврдено е дека се врши исплата на средства за проекти што немаат реализација на крајот од годината, со цел алокација на сите планирани средства.

– Центрите за развој на планските региони имаат административен капацитет за управување со проекти, но нивните проекти, главно, имаат локален, а не регионален карактер, што ја намалува нивната ефективност во постигнувањето на целите за рамномерен регионален развој – се потенцира во ревизорскиот извештај.

Од откриените наоди, од Државниот завод за ревизија нагласуваат дека јавните инвестиции останале заглавени во локалните приоритети, што резултира со регионален развој без резултати. Оттука, ревизорите им препорачуваат на надлежните институции да воспостават ефикасен систем за селекција, мониторинг и евалуација на проектите, да обезбедат транспарентност и отчетност, како и да ја подобрат координацијата меѓу централната и локалната власт.

– Само така јавните инвестиции ќе може да придонесат за вистински рамномерен регионален развој и за одржлива заштита на животната средина – велат ревизорите.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ