Скопското Кале, конечно, се ослободи од тревата со која беше обраснато со години и поради што беше тешко приспано за посетителите. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објави на „Фејсбук“ видео за да прикаже дека скопското Кале е целосно уредено и исчистено и, како што наведува, сега е достојно за граѓаните и за посетителите на главниот град.
Во објавата, Ѓорѓиевски нагласува дека грижата за јавните простори и за културното наследство останува еден од приоритетите на градската администрација.
– Скопското Кале, како еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, заслужува континуирано одржување, уредување и заштита. Целта е зачувување на неговата историска вредност и обезбедување безбедна и пријатна средина за сите посетители – истакна Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје соопштија дека ќе продолжат со активностите за унапредување, редовно одржување и промоција на културно‑историските знаменитости во главниот град, со фокус на подобрувањето на јавниот простор и на условите за граѓаните.
Ѓорѓиевски и Љутков го посетија Калето во вторникот. Ѓорѓиевски рече дека има јасна и недвосмислена цел, која подразбира целосно отворање на просторот на скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историските слоеви и на автентичното културно наследство.

– Низ светот постојат бројни позитивни примери каде што објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот, како сцени за театар, музика, изложби и за современи уметнички перформанси. Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази. Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита туку и активна, смислена интерпретација на културното наследство – дециден е Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека реафирмацијата на Калето е јавен интерес и обврска кон идните генерации, како што наведе, да им оставиме град што го почитува минатото и храбро ја гради својата културна иднина.
Овој локалитет со години беше оставен на забот на времето, обраснат со висока трева.
Во 2024 година, при посетата на Калето, и самиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков, нагласи дека е запуштен овој локалитет со години. Тогаш, и во информацијата на официјалната страница на Управата за заштита на културното наследство беше наведено дека со години не се одржувала вегетацијата, освен централниот дел, и тоа при ретки официјални посети на високи функционери и дека целосно ја има обраснато тврдината, додека некои делови се целосно непристапни.
– Освен тоа, видливо е дека во последниве седум години воопшто не е инвестирано за какви било интервенции за непосредна заштита, односно за конзервација на откриените објекти – констатираа од Управата за заштита на културното наследство.
Љутков го посети Калето и во јули 2025 година, кога информираше дека Министерството за култура и туризам и Управата за заштита на културното наследство испратиле до Градот и до јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ неколку дописи да помогнат во чистењето, но не добиле никаков одговор. Затоа реагирале до Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), од каде што ја прифатиле иницијативата.
Во 2011 година почнаа да се градат три музеи, музеј за праисторијата, од османлискиот и од средновековниот период, но до ден-денес не се отворени.
(А. П.)












