Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информира дека станува збор за современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое, како што вели, ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди. Но, нема прецизни информации колкава ќе биде таа плажа, што ќе содржи и како и дали ќе се користи, со оглед на тоа што водата во реката Вардар е загадена

По многу години, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, ќе ја враќа градската плажа на кејот на реката Вардар.
Тоа е една од активностите кои деновиве се спроведуваат за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде што секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
Според Ѓорѓиевски, станува збор за современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое, како што вели, ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Но, нема прецизни информации колкава ќе биде таа плажа, што ќе содржи и како и дали ќе се користи, со оглед на тоа што водата во реката Вардар е загадена.
Скопскиот градоначалник нагласува дека кејот е меѓу неговите клучни приоритети .
– Уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито – истакна Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека продолжува уредувањето на кејот со јасна визија за функционален и жив јавен простор.

Притоа, додава дека се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено.
– Во рамките на овој проект се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата. Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество – нагласи Ѓорѓиевски.
Додава дека овие активности се одвиваат со поддршка на Министерството за спорт.
– Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје. Рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее, остануваат наш врвен приоритет – заклучи Ѓорѓиевски.
Скопје имаше градска плажа „ Парк“ кај лунапаркот, во времето кога прв човек на градот беше Коце Трајановски, а премиер Никола Груевски. Градската плажа „Парк“ беше отворена во 2010 година.
Неколку месеци подоцна, се отвори уште една до Камениот мост. Втората беше урната по неколку години поради градежните работи за проектот „Скопје 2014“, а од првата постојат спортските терени со песок. Двете чинеа преку 370 илјади евра.
Старите скопјани, пак, се сеќаваат на градските плажи во шеесеттите години. Познатиот скопски хроничар, Данило Коцевски, во своите записи ќе запише дека на плажите се продавала ладна оранжада за да се изгасне жедта од летните горештини.
– За да биде ладна, требаше во кофите да има мраз. Мразот се земаше од фабриката во четири часот наутро. Немаше фрижидери, туку само сефови од лим што служеа за таа намена. Работилница за оранжади имаше во Пајко Маало. Ги произведуваа чичко Живко и тетка Стојка, а се продаваа на плажите и пред Северната трибина на Градскиот стадион. По продажбата, шишињата мораа да им бидат вратени на газдите. Во ладните сенки од дрвјата во паркот, во близината на Градската плажа, седеа коцкарите. Наеднаш ќе свикаа: „Дете, дај оранжада“. Наградата за продажба на ладните пијалаци беше честење плескавици во кафеаната на Градска плажа што ја држеа Трајко Пилотот и неговата сопруга Драгица, Црногорка – пишува Коцевски.
Во ладните води на Вардар се слушале викотници, се играле „Олди“, допри ме.
– Околу капачите се возеа кајаци. Еве и една анегдота. На прашањето кога последен пат си ги миел нозете, одговорот е: Летоска во Вардар! – пишува Коцевски во сеќавањата за летата во Скопје.
(А. П.)












